Кучково, сајла, наочари за сонце

- Не сум пишувал одамна, не знам од каде да почнам.

- Почни од почеток.

- Од Big Bang?

- Не мораш баш од Big Bang, скрати неколку милијарди години.

- Аха. ОК.

Од последната тура до Кратово, минатиот Ноември, немав некоја посериозна (подолга) тура за која што би пишувал. Све што се случуваше беше некако локално и во склоп со временските услови. Си купив еден точак за низ град и до работа, а едниот го припремив за снег и мраз. За жал тој го возев само еднаш зимава. Сфатив дека нестабилноста на времето ми пречи во планирањето на турите. Барем во лето знаеш дека ќе биде сончево и се припремаш за тоа. Есен, зима, тука веќе прогнозите не се точни. И така помина зимата без возење. Со Probike Skopje извозевме до Лешок. Беше убаво, но пак се потврди разликата меѓу лежипедот со обичен велосипед. Угоре поспор, удолу побрз. Никако не можев да се усогласам со останатите. Бев и еднаш до Катланово колку за тренинг и таму се запознав со дечките од EXPLORE MACEDONIA TOUR  и тие организирале заеднички тури на точаци низ Македонија. Еве деновиве сонце, јас одморен и сега ми доаѓа пак желбата за престој на отворен пат. Се припремам.

Поработев малку на лежипедот. Неговата конструкција е таква да цевката од рамот на која се монтирани педалите е долга до толку да при притисок на педалите целата цевка се витка надолу. Морав да го решам тоа затоа што многу од енергијата, поготово кога се вози нагоре, се губи поради тоа виткање и едноставно силата не оди преку ланецот до задната ѕвезда, туку се троши на самиот флекс на цевката. Открив дека тоа бил чест проблем на лежипедите од мојот тип. Да речеме Baccetta го имаат тоа решено со промена на профилот на цевката од тркалезен во овален, капка профил. Јас немам услови за такви измени, така што се решив за поедноставно решение.

sajla1 sajla2

Прицврстив една сајла за кочница од врвот на делот што го држи предниот менувач, до делот веднаш под воланот и ја затегнав. Веднаш ми изгледаше поцврсто. Ја тестирав како гитара. Додека стискав на педалите, лупав по сајлата. Звукот се менуваше. Тоа значи дека цевката од рамот се труди да се свитка надолу додека сајлата ја спречува во тоа. Промената ја тестирав на Водно. Целиот лежипед се однесуваше поживо и реагираше поубаво на притисокот на педалите. Не влијаеше премногу на брзината на качување, но јас се чувствував порелаксирано и поодморно кога се качив на врв.

vodno1Беше во ред сајлата, но сепак нејзиниот квалитет не ми изгледаше сигурен, така што ја заменив со подобра и таа ја поставив на дупло. Така сум посигурен дека нема да се скине. А лошо би било да се скине, затоа што ако го стори тоа, ќе го стори во најлош момент кога најјако ќе стискам на педалите. Ризикувам да ја оштетам рамката така.

Втора работа на која и посветив внимание се наочари за сонце. Ми пречи сонцето додека возам, особено кога е најтопло. Бидејќи носам наочари со диоптер, не можам да носам обични со затемнети стакла. Минатата година пробав со едни стакла во боја кои се прикачуваат на самата рамка од наочарите. Идејата не е толку лоша, но квалитетот на стаклата е слаб и целата конструкција изгледа пренежна и бара внимателно ракување. Така што овој пат ја земав мојата стара рамка за наочари и на неа ставив диоптерски стакла во боја. Стаклата се супер, ракувањето е како со обични наочари. Најдобра варијанта ќе беа фотогреј стакла кои се менуваат според јачината на светлина, но сепак ми се видоа прескапи.

За тест на новите наочари и сајла се решив да возам до крстот кај Кучково. Сум возел до таму мислам пред две години и ми остана во убаво сеќавање. Проверив само 15 километри од кај мене дома.

Се погоди убав сончев ден. Патот оди преку кружниот тек во Ѓорче Петров (оној кај пазарот) преку Новоселски пат, Волково и на крај Кучково. По патот има табли со натпис “Кучково- Крстот” така што не може да се промаши. Не можам да сфатам зошто стои КрстОТ, а не само Крст, но тоа е. Угорницата е таман, со кратки солидно стрмни делови, мислам околу 7 километри долга. Толку е блиску до Скопје, а сепак како да си на друго место.

Кучково

Кучково

На крајот е ова плато со крст.

Крст, Кучково

Крст, Кучково

Поглед кон Скопје од Кучково

Поглед кон Скопје од Кучково

Што се однесува до тестот, тој беше успешен. И сајлата и наочарите се покажаа како добра идеја. Добар беше и изборот на тест рутата. Горе е многу мирно и ми се допаѓа аголот на погледот врз Скопје. Навикнат сум да го гледам од Водно, а вака од страна е редок призор.

Враќањето беше брзо поради удолницата. Возев околу 50 кмч и за миг бев дома. На време и за краток одмор и прошетка со семејството.

Ах да, за крај и слика од тестот на наочарите за сонце.

Кучково

Кучково

Петочно изненадување

Многу пријатно се изненадив  (читај израдував) денес кога случајно открив дека ми го споделиле блогот на www.ligfiets.net . Холандски сајт специјализиран за лежипеди и сè поврзано со нив.

Линк до петочното издание 07.02.2014

vrijdagbericht-07-02-2014

Link

Интервју за danaucime.mk/magazin

Секое излегување со “лежипедот” надвор е интересна случка
01-02-2014

Секое излегување со “лежипедот” надвор е интересна случка

Сергеј Гегај – сопственик на првиот “лежипед” во Македонија

Многумина го знаат како човекот со чудното превозно средство “лежипед”. Сергеј Гегај е фамилијарен човек, вработен во државна институција, со една посебна пасија -”лежипед”

 

Година дена блог

Декември стаса и јас се сетив дека блогот почнав да го пишувам пред една година. Минатиот декември. Некако овој период ми е период на преод од топлиот во ладниот дел од годината. Затоа изгледа сум почесто дома и не возам многу. Освен низ град. Но за подалеку некако сакам да бидам психички поспремен. Не мислам дека ќе ми биде ладно да возам, ама целата подготовка е различна за возење во зима.

Лежипедот го купив декември 2011. Го имам веќе две години. Не ја мерам вкупната километража која сум ја поминал со него. Повеќе мислам на деловите од Македонија низ кои не сум прошол. Ги има доста, ама им се намалува бројот. За оваа година ми беше планирано да возам околу Охридско езеро, но ете некако не се случи. Имаше влијание и возниот ред на Македонски железници кои ова година имаа укинато некои линии кои ми беа многу битни, како попладневниот воз од Кичево кон Скопје и попладневниот од Кочани. Без нив планирањето рути беше покомплицирано. Ќе видиме овогодинешниот возен ред што ќе донесе (и тој се менува во декември).  Инаку со возовите на МЖ добро проаѓав. Цената од две кафиња (Скопски) за еден правец ми изгледаше сосем пристојна. Е сега, и “удобноста” е на исто ниво, мада мене воопшто ништо не ми пречеше. Второ што не успеав да извозам, а веќе го имав планот, беше Струмица, преку Велес и Штип. Планот ќе го префрлам за следнава година.

Ме радува, лично, што годинава успеав да возам неколку дена по ред. Тоа беше тура од мислам 350 километри. Прилеп, Битола, Ресен, Охрид… Пола Македонија. Ми остана во многу добар спомен. Еден куп градови. Исто и турата до Кратово беше со преспивање. Прекрасни спомени. Источна Македонија ми е преубава.

Со лежипедот се навикнавме еден на друг. Му ги открив предностите и слабостите. Може уште да се инвестира во подобра опрема, полесна и поиздржлива. Во тој дел нема крај, секогаш може подобро. Дали може подобро во мојата издржливост, тоа допрва треба се види. Иако сега малку паузирам, за идната година имам планови цела торба. Би било фино да можам да поминам преку граница, било која. Врање беше една од опциите, или Солун. Ме влечат некои подолги тури. Малку да се заборавиш од возење. Сам со себе. Следам неколку велосипедисти кои возат околу светот, се замислувам и јас некогаш како нив. Можеби и не толку далеку, но барем некоја дестинација од 1000 километри. Би го сметал тоа за успех. Би се вратил дома насмеан.

На почеток блогот го пишував целно за лежечки велосипеди. Се запознавав јас со лежипедот, а претпоставувам и тие што читаа. Постепено, откога навлегов повеќе во проблематиката на велосипедизмот, откога некои работи ми станаа вообичаени, сфатив дека со лежипедот можам да стасам до каде сакам. Така што неочекувано блогот ми се сврти кон една патеписна насока. Не претпоставував дека ќе ги опишувам турите. Дека некому ќе му објаснувам колку е некаде убаво, а убаво е навистина. Да се биде сам на патот, на отворено, е посебно чувство. Да се открива нов предел е прекрасно.

Мене веќе лежипедот не ми е чуден. Го гледам како можност. Како средство, алат кој ми помага. Исто така и се навикнав да се вртат по мене, да ми свират со коли, да ме мислат за “странец”. Без тоа не може да помине ниедно излегување. Од “Будала!” до “Браво!”, реакции секакви.

Гледано статистички, ми се допаѓа посетеноста на блогот. Над 10000 прегледи од цел свет. Би сакал да има повеќе коментари и разговори, дури можеби и прашања. Да размени некој некое искуство со мене. Би било убаво да има повеќе македонски блогови поврзани со велосипедизам. Со време очекувам дека и ќе биде така. Приметувам дека велосипедизмот во Македонија зема замав. Од урбано градско возење до тури од над 100 километри. Се надевам дека и инфраструктурата ќе се развива според потребите.

Не знам во кој правец ќе ме однесе пишувањево на блогов. Приметувам дека и тој се развива и менува како мене. Кои работи ќе ми се случуваат на мене, ќе му се случуваат и нему. Се надевам дека сите ќе бидат позитивни.

Поздрав до следниот пост.

Aside

10 000 прегледи!

Ви благодарам на сите. Се надевам дека уживате во читање на блогот барем малку приближно до тоа колку јас уживам во пишувањето.

До следниот пост,

Сергеј

Кратово

Сонце.

Цел октомври сонце. Мами надвор, на пат, а мене малку ми треба.

Патувањето започна со воз од Скопје до Куманово.

IMG_20131026_080840Класика. Последен вагон. На самиот крај од композицијата. Очекував дека на перонот ќе има поубав воз затоа што картата што ја купив беше за брз. За тој што оди до Белград, преку Табановце. Ова беше ист воз како и секој друг, но барем овој до Куманово не требаше да застанува, А и времето ми одговораше. Тргнува во 8 и 20, а во Куманово треба да е пред девет часот. Иако е сончево сепак не ми се вози рано наутро. Рачунав дека за 50 километри не морам да брзам. Го имам цел ден пред себе. Рутата за првиот ден беше следната. Скоро цел пат угорница ама во последно време дури и почнав да уживам на угорниците. Си фаќам една брзина и возам. Ме радува фактот што без проблем се качувам.

Девет саат. Проверка на мапата да утврдам кон каде е излезот за Кратово и старт. Се  помачив додека излегов од Куманово. Ме бунеше тоа што на мапата имаше два пата по кои можеше да се вози. Не бев сигурен дали едниот од нив е автопат, поради што би морал да го одберам другиот. Прашав на една бензиска. Ми рекоа -Автопат е. Се свртев, го гледам патоказот дека е со жолта боја, и сфатив дека всушност грешат. Да беше автопат знакот за Кратово ќе беше зелен. Размислив малку и за вториот пат кој би требало да се движи низ населени места, но сепак се решив за првиот. Населени места подразбираат и кучиња, а баш и не уживам во средбите.

Сонце уште од утро. Патот од типот “Мој омилен”

IMG_20131026_100657

Доволно широк. Малку сообраќај. Убав асфалт. Температура околу 20. степен. Ретко можат сите параметри да се вклопат толку совршено.

Угоре, удолу. Угоре, удолу. Угоре, пак угоре, пак угоре, па малку удолу. Почнав да разговарам со угорниците. Да се карам. -”Мене ли ме најде?” -”Готова си!”. Се трудат. Стрмни, долги, ама на крајот сите попуштаат. На врвот од последната седнав да се напијам кафе. Ми се погоди друштво да ми прави една желка.

IMG_20131026_122726

Си поприкажавме. Додуша повеќе јас зборував. Желките не се многу познати по муабетење.

После Страцин патот врти на десно. Ме израдува знакот за Кратово и Куклица. Следеше подолга удолница. Како само се однесуваше лежипедот по таа удолница. Пред да тргнам, бидејќи имав мала километража за возење, се решив за помеки гуми. Брзина не ми требаше, повеќе удобност. Со помеки гуми лежипедот е како Ролс Ројс на удолници. Не крева преголема брзина. Дупките и пукнатините ги преминува без удари и вибрации. Милина. Воздухот ме ладеше и покрај сонцето. Тоа беше уживање за паметење.

На тој дел од патот сообраќајот уште повеќе се намали. Се разминав едвај со неколку автомобили. Се радував на посетата на Куклица. Не сум бил досега. Сум слушал и гледал слики од таму. И ете го. Исто како на сликите. Уствари и би било чудно да се менува, нели.

kukkliciIMG_20131026_132548 IMG_20131026_132634IMG_20131026_133254Чувството е невоообичаено. Како да си на друга планета. Непознати облици и материјали. Како да требало да остане скриено засекогаш, но по нечија грешка (за која што кривецот е сигурно казнет) азното станало достапно на сите.

Поседов, разгледав, се потрудив да запаметам. Време беше да продолжам кон Кратово.

И ете го.

IMG_20131026_144700И добро што стасав. Не знам како по пат останав без вода и веќе бев жеден. Најверојатно сендвичот што го изедов во Куклица бил солидно солен. Имаше еден знак по пат на кој стоеше дека има питка вода на 200 метри, но кога стасав таму целото опкружување на чешмата на која пишуваше Гоцева чешма, беше во таква лоша состојба, да се откажав од полнење на шишињата. Ќе издржам.

Се радував што сум во Кратово. Апсолутно ми е непознат град. Никогаш не сум бил досега. Немав многу време до стемнување па затоа се потрудив да видам што повеќе. Од брзање немав ни можност да посветам внимание на секој објект посебно, а во случај со Кратово тоа ми е особено криво.

IMG_20131026_150335IMG_20131026_150626IMG_20131026_150640IMG_20131026_151153IMG_20131026_161914IMG_20131026_161934IMG_20131026_162421IMG_20131026_162634Измешани емоции. Положбата на градбите, куќите, улиците. Чувството меѓу нив е преубаво. Единствено што ми засмета е лошото одржување на градот. Се гледа дека некогаш бил богат и со луѓе и со средства. Сега, барем јас така го почувствував, како запоставен. Фасадите, бандерите, шахтите, непроменети повеќе децении. Све ми се виде поправано -недоправено. Најмогу ме зачудија бандерите. Не можеш да фатиш кадар да сликаш без да во него има најмалку еден кабел кој виси од некоја бандера.

Вечерав Кратовска пастрмајлија со чадено месо и се прибрав да се одморам. А таму каде се одморав е приказна за себе.

IMG_20131026_161622

Шанчева куќа.

Стара околу 300 години, во поново време со реновирана надворешност. Се користи како хостел за патници намерници кои сакаат да го почувствуваат животот на старо Кратово. Внатрешноста е уникатна. Мирисот, звуците на дрвените скали, вратите, прозорците. Се е од друго време, од друг живот.

IMG_20131026_161723IMG_20131026_165002Се радував на преноќувањето се додека не ми кажаа дека вечерта освен мене нема да има никој друг во куќата. Хмм. Сам. Во куќа стара 300 години! Па какви се звуци нема таа куќа да произведува навечер. Се ближеше 22 часот, а јас полека се спремав за спиење со начулени уши. Заѕвони телефонот. Сепак ќе дошле уште двајца да преноќат таа вечер. Мајстори кои работеле на фасада на некоја црква. Ех. Малку и ми стана криво што не останав сам. Заспав.

Недела, утро.

Станав порано затоа што дента имав за возење околу 130 километри. Се радував на утрото. Беше ладно, но ме чекаше најубавиот дел од посетата на Шанчева куќа.

IMG_20131027_053103Кујната.

Не можам да го опишам задоволството на кафеџија како мене, да пие кафе рано насабајле во кујна како оваа. Уште кога ја отворив вратата ме обзема мирис на к’цана сол, свежо нане, турско кафе, дрвен под, мебел, векови. Убавини.

Си приставив кафе и на телефонот ја проверував рутата на патот за дента. Со кафето ги читав апдејтите на Снежана Радојчиќ http://gea-tour.com/ која што деновиве вози низ Непал, Анапурна. Го споредував нејзиниот потфат со моите микро патешествија. Сам, на пат. Размислував.

Се поздравив со Кратово.

IMG_20131027_064307Времето и тој ден ме служеше.

IMG_20131027_071611 IMG_20131027_071700

По кратка стрмна угорница следеше дооолг спуст. Повторно лежипедот. Повторно уживање. Меки гуми, брзина околу 45 километри на час. Мислев да застанам во Пробиштип кој ми беше по пат, но се плашев дека ќе немам време да стигнам во Скопје пред да се стемни. Дента се смени саатот така што веќе во 17 ќе биде темно. Поминав низ Пробиштип без застанување и продолжив понатака по удолницата. Немаше потреба од вртење педали. Брзината ми беше некаде околу 30 кмч. Застанав. На патот имаше знак за Свети Николе. Ми проработе авантуристичкиот дух. Тој правец не ми беше во планот. За беља на мапата на телефонот тој пат изгледа како да е прекинат. Немам време за грешки. Си го прибрав авантуристичкиот дух назад. Ке се држам до планот.

Аголот на уздолницата се намали така што сега морав да вртам со педалите. Брзината солидна, но патот ми се виде долг. Поради меките гуми и трудот за вртење е поголем. Не ми се допадна кога сфатив дека уште сум далеку од Свети Николе, а веќе сум уморен. После четири саати возење јас сум само во околина на Штип. Како сум можел да возам 12 часа од Охрид до Скопје, а сега после само четири јас сум исцрпен? Направив мала интроспекција, се прилагодив на состојбата, се пофалив за дотогаш сработеното и си дадов елан за понатаму.

Во Свети Николе седнав на кафе во нај “тупса – тупса” (гласниот) кафич што го најдов. Ми фалеше малку бука и човечка галама. Се одморив. Патот од тука до дома го знам. Знам што ме чека. Ме радуваше тоа што тој ми е омилен крај за возење. Колку сака нека е стрмен. Ионака по стрмното има уште поубава уздолница скоро до дома.

Тргнав.

На една раскрсница прашав едни деца кои ме гледаа за патот кон Скопје. Со задоволство ми го посочија. Возев кратко, а тие одеа по мене. Нешто не ми беше во ред. Пак го прашав едното дете дали е сигурно за патот и тоа одговори:

-Да, за Скопје! Прво Куманово, па потоа Скопје.

-Куманово?! Па не идам јас за Куманово!

Го извадив телефонот и видов дека сум тргнал, како што рекоа децата, кон Куманово.

- Така и ми треба кога слушам деца, реков на глас.

Ме слушнаа. Ми падна криво. Па тие само сакаа да ми помогнат. Ах, што сум станал за нигде. Немаше поправање на ситуацијата. Се поздравив и продолжив по патот по кој што мислев да возам. Кон Сушица.

sv nikole1Немам доволно убави зборови во мојот речник за тој предел.

Последните стотина метри од узгорницата ги поминав со туркање. Бев задоволен. Оттука имам десетина километри прекрасна удолница. Направив пауза на врвот. Кафе, сендвич и нешто благо.

Ууууумммммнннндддоооллллнниииццааааттааа…

Коњари Горно, Средно па Долно. Ржаничино, Петровец, Идризово. Едно по едно, полека до Маџари. Веќе беше околу 16 и 30 (по ново). Кога стигнав на кеј во Аеродром, сонцето веќе беше на зајдување. Додека стасав до дома веќе и зајде сосем.

Е мора да зајде.

Рута Велес – Куманово, преку Свети Николе

Е па редно беше малку да се повозам, да поуживам. Откога прв пат возев до Свети Николе и Штип, пределот ми остави многу убав впечаток. Денес се сетив дека пред многу години, околу деведесеттите, еднаш тргнав со автостоп накај Штип. Брат ми таму служеше војска. Бидејќи бев сам, плус и машко, многу тешко ме качуваа во кола. На крај сепак стасав, но голем дел после Велес одев пешки. Така што патот околу Мамутчево, Лозово и Сарамзалино го имам уште тогаш одблиску запознаено. Многу ми е убаво натаму. Ми одговара и бојата и ритамот на пределот.

Првобитната идеја за искористување на продолжениот викенд беше возење околу Охридско езеро, но тоа бараше повеќе логистика. Преспивање, возови… Плус оваа година во Македонски железници решиле да го укинат попладневниот воз од Кичево кон Скопје, така што во недела ќе морав до 12 часот да бидам во Кичево. Не дека немаше да стасам, но ќе го изгубев цел ден што можев да го поминам во Охрид. А криво ми е. Имав зацртано оваа година да го извозам езерото. Има уште до нова година, така што имам уште шанса за тоа.

Добро реков, ако не може Охридско езеро, ајде да возам некаде каде што не сум бил, а знам дека ќе ми се допаѓа. Километражата да биде помеѓу 50/60 и 100 километри. Седнав на bikemap.net, мерев, премерував и на крај се решив за оваа рута. Со воз до Велес, со лежипед до Куманово и од таму со кола до Скопје. Пред некој ден пробав и успеав со малку убедување да го напикам цел лежипед во кола, така што нема потреба од носач за велосипед, е сега ќе се стиснеме малку. Договорот беше со семејството да се најдеме во Куманово, да седнеме негде на ручек со пријатели и да се вратиме заедно со колата. Логистичка поддршка!

Карта за воз секогаш купувам однапред, ем од ќеф, ем за подолго да ми трае радувањето, а и за да не ми го поремети нешто планот. Измените на лежипедот ги пробав минатиот викенд до Катланово. Поисправениот агол на седиштето овозможува посилен притисок врз педалите, а и дишењето ми е подобрено. Осеќам дека на угорници сум побрз. Тоа најмногу ми требаше. Многу време поминував по најжешкото при качување на некоја планина, а тоа ми го расипуваше вкупното задоволство.

Сабота наутро. Часовникот на брзиномерот погрешен за дваесетина минути. Се препотив брзајќи, мислејќи дека ќе го пропуштам возот. Стасав задишан на железничка, проверив колку е всушност саат на мобилниот телефон. Добро е си реков (со малку осуда), подобро порано отколку подоцна. Во воз, како во воз. Секогаш стојам до лежипедот за да не се преврти од труцкањето. Овојпат патувањето беше кратко, околу саат време.

IMG_20131012_070137

На една станица го видов ова симпатично возило и си реков- Бреј, што се не возат луѓево.

Велес. Еден сендвич, проверка на мапата каде е излезот кон Свети Николе и тргнав. Времето беше многу влажно и магловито.Си помислив дека дури може и да заврне. По некое време осетив од кој вид е маглата. Од оној утрински вид, кој се рачистува откога ќе се затопли. Едвај чекам.

По обичај (кој што треба да го прекинам) се преоблекувам. На секои неолку километри застанував да соблечам нешто или да направам поинаква комбинација од работите кои ги носам. Додатно ме препоти и тоа што на патот над Велес се изведуваа поправки и имаше големи и бучни машини и камиони. За среќа не беше зафатен голем дел.

IMG_20131012_090229

Магловито и влажно, ама патот прекрасен. Малку по малку ги поминав Мамутчево, Лозово, Сарамзалино… Бидејќи беше сабота по патот имаше повеќе сообраќај од што сум навикнат. Најчесто возам во недела и разликата беше осетна.

IMG_20131012_092845Околу 10 часот маглата се крена. И тоа за најмногу пет минути. Од магловито и тмурно се претвори во прекрасно сончево време. Е тогаш стана уште поубаво. Морав да сликам.

IMG_20131012_095333

scape

Уф…

Од тука патот врти лево кон Свети Николе. Веднаш по кривината се наоѓа една запуштена железничка станица. Овче Поле. Не знам дали тука сеуште застанува воз. Изгледа како да е останата во некое друго време, минато.

IMG_20131012_100910

IMG_20131012_101159

IMG_20131012_101228

А пределот е преубав. Што да кажам. Признавам дека многу ми се свиѓа.

IMG_20131012_101031

Понатаму кон Свети Николе. Помалку сообраќај. Очекував да се појави аеродромот кај Пеширево и ете го.

IMG_20131012_102702

IMG_20131012_102755Неколку авиони, паркирани на ливада. За мене редок призор. Сум бил тука и минатата година кога проаѓав возејќи кон Штип. Ништо не е променето. Стасав и до Свети Николе. Планирав да поседам во некој кафиќ на кафе, но неочекувано патот за Куманово се двоеше уште пред влезот во градот. Хмм, малку размислив и решив да не влегувам. Свртев кон Куманово. До овде патот сум го возел, делницата Куманово -Свети Николе ми е непозната. Ме копкаше.

IMG_20131012_104151

Тука веќе падна и вториот сендвич. Беше околу 11 часот. Времето беше совршено. Пределот исто така. Блага угорница, но со подобрениот агол на седиштето чувството ми беше сосем поинакво. Можев појако да стиснам. Го осеќав тоа и по брзината со која се движев. Уживав. Заборавив да сликам. Си реков – Па некои луѓе живеат тука. Секој ден возат по патов или работат околу него. Среќници. Видов и два орли. Ловеа. Бои, есенски. Зборови, недоволни.

IMG_20131012_114744Стасав до удолница. Стрмна. Ми избега пределот додека се свестив. Ме збрка едно огромно куче, но за среќа поради удолницата можев да му избегам. Поминав уште неколку места и ете го Куманово.

Се најдов со другите во центар.

IMG_20131012_142208Верувам дека “познавачите” ќе го препознаат мотивот пред гостилницата Баба Цана во Куманово. Друштвото и седењето пријатно како и времето. Цел ден убавини. Бев уморен, но не ми беше доволно. Да можеше ќе се вратев назад по истиот пат.

Го натоваривме лежипедот во колата, се поздравивме и правец Скопје, но не по автопатот. Тоа ќе беше премногу едноставно, а мене уште ми фалеше возење. Тргнавме по стариот пат преку Арачиново.

Уште еден прекрасен ден за сеќавање.