Рута Козјак 2013

Помина цела недела, а никако да седнам да напишам за минато неделното возење до Козјак. Сум бил зафатен изгледа.

Рута Козјак http://www.bikemap.net/route/2059607. Околу 90 километри асфалт во двата правци. Сум ја возел неколку пати и секогаш супер сум си проаѓал.

Тргнав преку Кисела Вода, Драчево, Батинци па кон Маркова Сушица.

Прва станица за освежување на околу 20 километри.

IMG_20130414_101953

Продавничкава кај што се двои патот за Маркова Сушица ми е омилена. Работи и во недела, а од прошлата година имаат поставено и кафемат пред влезот. Совршено.

Местово го сметам за преоден момент затоа што до тука има цивилизација, а од тука натака патот води низ не толку “урбани“ предели. Мене уствари рутата од тука и ми почнува.

Времето овој пат беше таман, ни топло ни ладно. И сонце, и облаци. Малку беше ветровито, но на лежипедот тоа не влијае премногу. По патот имам неколку омилени места, а ова е едното од нив. Бидејќи сум навикнат да го гледам крстот на Водно од спротивната страна, ваквиот поглед некако посебно ме радува.

IMG_20130414_111431

И продолжив понатака. Мислам дека сто пати застанав да сликам од што ми се допаѓаше времето и облаците.

IMG_20130414_113535IMG_20130414_114811

Патот, како што се гледа на мапата, е во константна нагорнина така што не возев брзо, но па затоа се изнауживав. После Нова Брезница патот е уште пострмен во должина од околу 5 километри. Крајот е приказна за себе. Фантастичен поглед врз езерото.

IMG_20130414_132040

IMG_20130414_161503

Додека возев нагоре се мислев дали да се спуштам и до самата брана. Си реков, ќе решам кога ќе стасам горе. Патот до браната сум го возел досега само еднаш со обичен велосипед, мислам 2010 година. Тогаш лошо си поминав затоа што беше пеколен сончев ден, по патот нема сенки и на крајот останав без вода па морав да барам од излетниците што правеа скара. За среќа наидов на љубезни луѓе кои ми ги наполнија и двете шишиња со вода.

Сега приказната беше малку поинаква. Времето далеку подобро, сепак е Април и беше околу 20 степени. Сонце имаше, но не беше страшно. Јас се чувствував добро, вода имав доволно и си реков ако не денес, летоска тешко дека ќе се осмелам да се симнам.

И тргнав да се симнувам. Патот иако е стрмен, не дозволува развивање на некои сулуди брзини, што поради кривините, а што поради лошиот асфалт.

IMG_20130414_133218

Браната.

Хмм, на еден столб има знак за забрането фотографирање. Забрана си е забрана, мора да се прекрши малку, но сепак не ги сликав индустриските делови иако интересно изгледааат. Го сликав езерото.

IMG_20130414_140018

И себе.

IMG_20130414_135938

Местото е многу тивко и како да нема никој. Интересно е што е чисто и уредено. Има и мала црква (заборавив како се вика). И така, еден сендвич подоцна, изеден во мир, тишина и сонце, тргнав назад.

Знаков ми е познат од минатиот пат, само глумам изненаден.

IMG_20130414_134401

Стратегијата за качување беше: полека и смирено. И се држев за неа до крај иако тоа значеше повеќе од час и половина возење само за да стасам до врвот горе.

Возев со под 5 километри на час. Лежипедот има репутација дека е нестабилен на мали брзини, па ќе го искористам овој момент да го побијам тоа. Асолутно немаше никаков проблем да се одржува толку мала брзина. Јас гледав да не се задишувам премногу, одржував константна брзина и освен што застанав поради едно куче на кое не можев да му го одредам табиетот, без проблем ќе се качев и без ниедно застанување.

Кога се качив горе веќе беше 4 часот попладне. Бев тргнат од 8 сабајле така што ми беше доволно забава. Право дома.

До Нова Брезница со скоро 70 километри на час. Потоа малку поспоро, но сепак околу 35 / 40 на час по цел пат.

Никогаш доволно искуство. Бидејќи возев накај дома, таму каде што сакав да бидам, веќе бев, тоест ја завршив работата, јурев накај дома не приметувајќи дека сум се преморил. И веќе беше касно. Требаше да застанам да се одморам пред најмалку 5 километри. Застанав пак кај продавничката со кафематот. Имаше гужва во делот каде што се седи. Љубопитни погледи за кои немав сила, па кафето го испив на нога. Продолжив сè уште уморен. Во Кисела Вода ми се пуштаа кучиња, им се дерев како ненормален и тие бегаа со подвиткани опашки, веќе и нервозен бев.

Стасав дома, мислам дека беше околу 6 и пол. Го проверив брзиномерот. Иако возев брзо на враќање, просечната брзина ми беше само малку над 12 километри на час. Спорото качување има најмногу влијание врз просекот.

Се одморив малку и си го пуштив филмот наназад. Заборавив на уморот и нервозата и си се насмеав во себе.

Супер рута.

IMG_20130414_151247

ПС: Кучето на Козјак на крајот испадна весело и желно за игра.

2 thoughts on “Рута Козјак 2013

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s