Три дена јавање

Релаксирано. Опуштено, задоволно и исполнето. Така се чувствувам после секоја од турите кои ги возам. Што подолга тура, тоа чувството подолго ме држи. Од оваа ќе ме држи долго. Долго ја планирав, долго ја очекував и се изнавозев долго колку што ми беше желбата. Три дена на пат и скоро 350 километри на точак. Уживање.

После рутата од Демир Капија до Скопје, некако го сфатив лежипедот малку подобро. Што сака и како сака да биде возен. Како да бидам цел ден со/на него, а на крај сепак да бидам опуштен и одморен. Тоа, а и солидно други работи се наместија за да можам да си ја остварам желбата за неколку дневна екскурзија низ Македонија. Прво се погоди неработен петок 21 Јуни. Второ, времето веќе цел месец е некако таман за возење. Возниот ред на Македонски железници веќе на памет го знам. Со патиштата сум колку толку запознаен, доволно. Сепак треба и малку и да се остави на авантуристичкиот дух да се порадува.

Ја испланирав оваа рута. Комбинација од возење со воз и лежипед. Прв ден напорно, поради Плетвар. Втор ден одмор, “само” 70км. Третиот ден оставив да го испланирам во зависност од тоа како ќе се чувствувам после два дена. Имав избор од Охрид да возам само до Кичево, па таму да се качам на воз. Или до Гостивар, или да возам до Скопје. А сакав Стража да ја качам со лежипедот, досега не сум отишол натаму. Четврток, 20 Јуни, карта за Скопје – Градско купена, лежипедот натоварен, па спремен сум (се надевам).

1 ден, петок

6 саат сабајле на Железничка станица. Уште кога се качив некако ми се виде многу гужва, но си реков не е тоа автобус, ќе не собере сите, само уште да видам каков воз ќе дојде. Дојде, не ми беше по ќеиф затоа што не беше со класични вагони туку со оној тип што имаат врата на средина од вагонот. Се сретнав со уште еден велосипедист, Иван, и ги качивме заедно точаците во возот. Се разврза муабет, кој каде возел, опрема, Bike cruising, Критична маса и слични теми. По неговата забелешка на место, сфатив дека гумите ми се навистина меки и дека поради целата тежина лежипедот станува нестабилен. Откако ми помогна да го симнам лежипедот од воз, продолжи кон Гевгелија. Гумите ги напумпав веднаш штом слегов во Градско.

ГрадскоЕте го Градско, си реков. Ова е почетокот. Сум прошол од тука неколку пати. Изнапроверив GPS, мапи, и тргнав кон Росоман. Времето беше пријатно, но се плашев дека може да стане многу топло. Тука ја направив првата грешка. Се пренатоварив со вода. Во Росоман земав 3 литри вода “За секој случај!”. Знаев од старт дека е многу. Втората грешка која не беше очекувана беше изборот на средство за сончање. Фактор 30 ми е секогаш доволен, но ова беше спреј и повеќе како масло, плус со додаден алкохол во него.

Качувањето по Плетвар ми се чинеше солидно напорно и долго. Беше сончево, топло и чувствував дека нозете ми горат иако намачкани. Посебно колената. Морав да сторам нешто. Имав со мене еластичен завој со кој си ги преврзав колената за да не ги бие сонце директно. Помогна, но само за кратко. Од движење на нозете завојот се разлабавуваше и разместуваше. Ме фати и нервоза затоа што угорницата никако да заврши. Во ресторанот “Че” стигнав околу 12 часот. Конечно сенка и ладен извор.

Че

Сфатив дека непотребно до тука сум качил цело кило вода, а таа тежина баш и не ми требаше на таа стрмнина. Добро е. Првата станица од целото патешествие е стасана. Уште малку качување па Прилеп. Бидејќи завојот врз колената не беше доволен облеков панталони со долги ногавици, а останатите голи делови и лицето допонително ги испрскав со маслото за сончање. Тргнав и пак беља. Микс од пот и масло за сончање ми се слеа во очите на околу 500 метри од крајот на качувањето. Ужасно печеше. Пцуев на цел глас, и сонце, и Плетвар, и масло за сончање и све. Едвај некако со гледање само на едно око успеав да стасам до врвот.

Плетвар

Се измив и продолжив кон Прилеп по удолницата. Внимавав и не брзав иако е многу стрмно. Седнав на кафе во Прилеп. Очите уште ме печеа, a јас уште пцуев. Oвојпат во себе.

IMG_20130621_141900Се одморив, се потсмирив, удрив едно кадро од Прилеп

Прилеп

и тргнав кон Битола. Уште да знам накај е патот.

Патоказ во Прилеп. Битола, лево или десно?

Лево или десно?

Испадна лево, горе па десно. Битола, доаѓам.

Од Прилеп кон Битола

Убав пат, удолница, брзина околу 30 на час. Мислев дека ќе биде побрзо, но ме фати веќе 18 часот кога влегов во Битола.

Битола

Во Битола пријатно. Малку како паун се провозев по Широк сокак и тргнав да го барам Шанти хостелот каде што требаше да се одморам и преспијам. Бргу го најдов затоа што е во близина на Саат кулата. Таму ме пречека една пријатна млада госпоѓица која ми ја покажа собата и купатилото. Убаво. Кога го видов тушот ми светнаа очите. Тоа баш ми требаше по цел ден на пат. По едно долго туширање и еден краток одмор во кревет излегов да прошетам и да размислам за утрешниот ден. Бев уморен. Тоа уште сега ми ги расипуваше плановите за возење од Охрид до Скопје. Но нема да се секирам, дојдов да се провозам па што сака нека биде.

Широк сокак. Желба за шетање. Луѓе, деца, млади и стари. Девојки, парови, момци. Некои брзаат, некои полека впиваат од атмосферата. Јас бев од тие вторите. Се снабдив со чоколадно млеко (тоа да ти било добро за после возење), седнав на една клупа и ги гледав Битолчаните. Изгледаат како на одмор, блазе си им. Прошетав уште еднаш нагоре надолу и додека се решив да седнам на кафе веќе нигде немаше место. Жива музика на секој чекор, џагор, најдов место за кафе. Одмор и назад во Шанти. Ммм, кревет.

2 ден, сабота

Се разбудив одморен. Кафето ми годеше. Уште вчера решив што да се снабдам за јадење така што во Веро не се задржав премногу. Купив и еден мал поклон за син ми од Џамбо да го израдувам.

сендвичНаправив огромен сендвич, го извадив лежипедот од гаража и се поздравив со Шанти.

Шанти хостел

Бидејќи вечерта не сликав ништо решив да го искористам утрово.

Широк сокак

Широк сокак, Битола

Не се брзав. Патот не ми е возен досега така што не знаев што да очекувам. Повторно GPS мапа, излез од Битола и правец Ресен. Не можам да се сетам со што ми беа преокупирани мислите така што на патот не се ни сеќавам. Имаше малку стрмно. Се штедев. Овој пат поучен од грешката земав само 1,5 литар вода со мене.

Не знам како го викаат ова место, но паузата добро ми дојде. Од чешмата течеше и тенок млаз вода. Доволно за освежување.

IMG_20130622_111104

Влегов во Ресен и уште не знам зошто, ама не ми беа сите овци на број. Сакав да му свртам на еден другар од Ресен. Бев сигурен дека имам негов број барем во еден од двата телефона, но никако да го најдам.. Седнав на клупа да јадам. До мене седнаа двајца постари господа од кои едниот упорно го тераше другиот да разговара со мене бидејќи сум бил странец. Јас иако обично се трудам да им кажам на македонски дека сум од Скопје, овојпат некако немав желба и молчев. Ме потфати некакво чудно расположение. Сега претпоставувам дека било од патувањето сам веќе втор ден. Си отидов од Ресен. Сликав една слика колку да се сеќавам дека сум бил. Заврна.

Ресен

Го напуштив Ресен во сеуште негативно расположение. Лошиот асфалт не ми дозволуваше да возам брзо. Гумите ми беа напумпани повеќе од вообичаено и тоа ми влијаеше на удобноста. Тврдо беше. Забележав многу загинати животни по цел пат. Најмногу желки, понекоја лисица, куче или мачка. Не само на таа релација. Таква беше состојбата за време на целото патување. Се зачудив од бројката.

И повторно угорница, но оваа беше последна за денес.

IMG_20130622_135049Од тука до Охрид е се надолу. Ми требаше тоа. Се стуткав на лежипедот и го пуштив да оди колку што сака. Асфалтот тука беше добар. Како што се приближував до Охрид некако и расположението ми се креваше. Направив мала пауза кај Косел. Се потсетив на “миризливите” тамошни појави и продолжив. Па еве го Охрид! Беше околу 16 часот. Мене ми дојде некаква енергија и иако обично кога доаѓам во Охрид прво што правам седнувам на кафе на пристаниште, овојпат се упатив директно кон плажите. Тие кај Кадмо, Куба Либре и слично. Од лежипед директно во вода. Си носев и купаќи, спремен бев. Се препелкав малку додека ги облеков на сред плажа, но ништо немаше да ме спречи. Бањање!!

Охрид

После само неколку минути во водата, која беше фантастична, бев како нов. Насмеан, радосен, расцветан со еден збор. Додека му ги откривав тајните на лежипедот на господинот кој изнајмува педалинки, слушнав дека некој довикна по мене. Ехеј, другари! Случајна средба. – Да седнеме на кафе?  – рекоа. Јас – Па што знам, не знам, друго имав во план, а ми се идеше со нив уствари. Па ќутев два дена. ОК – реков, се најдовме подоцна, си поприкажавме, супер ми дојде. Се чувствував многу добро и физички и психички. Па добро тогаш е решено. Утре ќе тргнам со ниат до крај да возам до Скопје па што биде нека биде. Резервни планови имам неколку.

Во Охрид имам каде да преспијам и да се одморам. Сварив цело пакетче макарони (тоа прочитав било “нај” за правење резерви од јаглени -хидрати потребни за возење) ем за вечера, ем за утре доручек. Во нив ја насецкав преостанатата сланина што ја купив во Битола. Уште еден голем сендвич сличен на претходниот. Сфатив дека и немам баш многу време за седење во Охрид. Ако мислам да возам до Скопје ќе треба рано да станам. Што значи кратка прошетка по пристаниште, едно вечерно кафе и назад. Ме зачуди времето. Иако беше околу 22 часот беше спарно и топло. Не го очекував тоа од Охрид. Ммм, повторно во кревет.

3 ден, недела

Станав во 5 часот. Сакав до 6 да сум веќе тргнат. Добро се чувствував. Минатата ноќ успеав све да спремам. И себе и све друго. Сфатив дека сум претежок за толку долг пат. Ја извадив едната торба и ја наполнив со све што не ми треба. Броев грамови. Оставив пижами, купаќи, маици, чорапи, тоалетна хартија.. Земав само тоа што ми е потребно за пат. Алат, храна и вода. Умот ми беше фиксиран на возењето. Ништо не сликав ниту имав намера да застанувам без поголема потреба.

Тргнав околу 6 и 30 часот. Решив да запнам малку појако. Последниот пат на обичен велосипед релацијата ја имам поминато за 13 часа. Со лежипедот сметам дека сум поспор така што би требало во Скопје да бидам кон 20 часот. Вози Сергеј! Ме плашеше Стража. Колку ќе биде топло и во каква форма ќе почнам да ја искачувам? Но прво да стасам до Кичево. Возев брзо. Гледав да ја искористам предноста на лежипедот во однос дека е побрз на рамно и надолу, за сметка на искачувањата. Бев концентриран. Малку како робот. Не оставав да се опуштам претерано. Брзиномерот покажуваше и зголемување на просечната брзина. За два дена просекот ми беше 13,3 км на час, а сега пред Кичево се искачи на 14. Пресека не ја ни приметив. Ја качив солидно брзо и застанав горе да се одморам. Очекував дека ќе се спуштам побргу, но асфалтот, најмногу каде што се прекинува поради некој мост е во толку лоша состојба што морав да кочам скоро со сета сила.

Во Кичево за велосипед викаат “бицикла”. Тоа го научив од еден велосипедист од Кичево со кој повозевме малку заедно. Во мојот случај се работеше за “Интересна бицикла”. Кратка пауза, малку макарони на бензинската на излез од Кичево и време е за најтешкиот дел од патот, Стража. Тргнав храбро. Беше поминато 11 час и веќе се стоплуваше. Поради лошото масло за сончање цел пат возев со долги ногавици и ракави. Ги мачкав само откриените делови, вратот и дланките. Внимавав на лицето. Не сакав повторно да ми се случи Плетвар. Напорно ми беше. GPS покажуваше спор напредок. Просечната брзина пак опадна, а јас уште не бев стасан до најстрмниот дел. Како и да е врвот сакал -неќел беше се поблиску. Околу 12 и 30 бев горе. А таму грозно разочарување. Нема чешма! Ми се стемни. Не дека немаше вода да се купи, туку што по цел пат мислев како ќе ја пикнам главата под млазот вода и ќе се освежам. Ништо од тоа. Гласно коментирав по телефон за ситуацијата. И пцуев малку, да. Јас сум за зголемување на заработувачка на локалите кои се горе, но да прекинеш извор, мислам дека е грев. Го прашав келнерот зошто нема чешма, ми рече – Има внатре Веце. Не знам, можеби навистина има логична причина зошто нема повеќе чешма таму, но менталитетот некако не ми дозволуваше да размислувам позитивно. Купив вода од бензинската и се почастив со еден сладолед. Главата не ми остана сува, се потурив со шише газирана.

СтражаОд друга страна, па веќе ја искачив Стража! До дома сега е надолу (Гостивар), малку горе долу (Гостивар – Тетово), пак надолу, малку горе и до крај надолу (Тетово – Скопје).

До Гостивар бргу стасав. Поради спустот просечната брзина пак се зголеми. На ред беше Гостивар – Тетово, преку сите села што се помеѓу. По автопат не ни помислував да возам. И поради безбедност и поради казна од полиција ако ме фати. По селата од сите страни ми довикуваа, поздравуваа, додуша пролетаа и две три сливи (не видов од каде), но не ме погодија. Еден дел од патот таму е катастрофа. Јас ем уморен, ем тврди гуми, едвај чекав да заврши. Сепак на автопат излегов и возев околу 3 километри. Од кај Камењане до патарината кај Тетово. Возењето од околу ќе ми одземеше премногу време. Брзав со над 30 на час за да го поминам што побрзо делот на автопатот.

Во Тетово сум бил неколку пати во лето. Секогаш било многу жешко и тешко. Така беше и сега. Уморот ме стигаше по малку, но не се давав. Упорно го притискав лежипедот. Ми годеше и мене и нему. Просечната брзина се искачи до 15,5 км на час. Застанав да се одморам и да ги дојадам макароните. Добро е, оваа чешма е сеуште тука.

IMG_20130623_170130

Последна угорница и последна делница до дома. Летав. Патот не е најдобар, но нема премногу сообраќај. Единствено неколку поворки од украсени автомобили кои се движат со вртоглава брзина, а од сите прозори виси по едно девојче. Многу небезбедно. Просечната брзина се искачи до 15,8 км. на час. Го пројдов Сарај и веќе бев на Партизанска. Влегов дома, немаше никој. Тивко.

Ми требаа 12 саати да стасам од Охрид до Скопје. Благодарејќи на лежипедот уморот беше на солидно безбедно ниво. Единствено ме болеа стапалата одоздола поради притискањето на педалите.

Сергеј, you are home!

2 thoughts on “Три дена јавање

  1. Пингување: Справување со промени | Лежипед

  2. Пингување: Година дена блог | Лежипед

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s