Справување со промени

Секој процес, за што го сметам и моето возење велосипед, треба да стреми кон подобрување. Од друга страна, со секое подобрување крајот станува подалечен затоа што се отвораат нови хоризонти.

Можеби малку филозофски увод во постов, но веројатно и тоа е дел од процесот.

Кога се работи за промени и надградби на велосипед или во мојот случај лежипед, сметам дека во однос на промените или подобрувањата кои се постигнуваат, на истите треба да им се пружи пропорционално внимание. Во овој случај се работи за нови педали. Можеби некој ќе си помисли дека една таква промена и не заслужува големо внимание, но моментот на пренос на силата од телото врз велосипедот, конекцијата, е токму преку педалите. Затоа и низ историјата се гледаат различни примери на нивно усовршување. Утврдено е дека најголем бенефит може да се постигне со фиксно прицврстување на стапалото за педалата. Се почнало со ремени кои со нивно затегнување ја држат обувката цврсто врз педалата -clips. Има повеќе верзии, но принципот е ист кај сите.

Bicycle_pedal,_quill_type,_early_1980s,_Campagnolo_SL_road

Најновите модели се веќе специјално дизајнирани обувки кои одат во комплет со специјално дизајнирани педали и нивно меѓусебно поврзување. И тука има повеќе верзии и модели за кои производителите тврдат дека се најдобри, но принципот е скоро ист кај сите.

speedplay frog

Поради отсуството на металниот (или пластичниот) clip кој го држи ремчето, поновите модели се нарекуваат clipless. И двата модели имаат свои добри и не толку добри страни, а главна разлика им е одвојувањето на стапалото од педалата при застанување. Додека на првите за да се застане мора прво да се олабави ременот, на другите одвојувањето се врши со занесување на петата во страна кое овозможува откачување од педалата. Признавам дека не сум доволно стручен во ова поле, а тоа е и дел од новите хоризонти кои ги откривам при надградба на лежипедот.

Во однос на педалите, лежипедот е малку специфичен затоа што во моментите додека не ги вртам, нозете ми се во хоризонтална положба. Тоа значи дека ако не сакам нозете да ми паднат на земја и притоа патот да не ми ги завлече под мене и под задното тркало кое што верувам дека би било многу болно (малку драма, не е толку страшно), морам во секое време да одржувам мал притисок врз педалите. Притисок врз педалите во секое време значи отсуство на комплетно олабавување на нозете, а со тоа и отсуство на одмор. Од таа причина прва надградба на педалите ми беше промена од обични платформи во платформи со поголема површина. Следеше да на истите педали со мала механичка интервенција, им зарежам поостри запци од кои патиката не би лизгала. Ни тоа не беше доволно. Имав ременчиња со кои го возев стариот велосипед. Ги ставив и тие. Проблемот е во тоа што на лежипедот не можеш да ги дофатиш стапалата така што мораа да бидат со фиксна затегнатост, некој баланс помеѓу цврстина и можност за брзо одвојување. Да, и тоа не беше доволно. На крајот им додадов стеги со штрафови свртени кон ѓонот од патиката кои дополнително не би дозволувале лизгање.

IMG_20130715_185125

Со секоја надградба чувството беше подобро и подобро, но сепак непотполно. Решив да го променам цел систем. Логично ми беше да пробам со clipless педали во комбинација со патики со клитови -cleats. Тргнав по продавниците низ Скопје, имаше избор и различни цени. Додека се враќав од едната продавница наидов на еден другар кој ми спомна дека тој ги продава неговите. Комплет патики со педали кои не се многу возени. Се заинтересирав, ги пробав патиките, ги видов педалите, ги купив. Мислев со тој комплет да ја возам турата низ Македонија. Ги намонтирав и ги пробав. Веднаш утврдив дека промената е толку голема што никако не би смеел со нив да тргнам на толкав пат. Ги вратив старите со кои имав искуство. Извозев со нив и чекав кога ќе се вратам повторно да ги пробам новите.

Таа недела пред да тргнам се заинтересирав да проверам што сум купил.

Патики Northwave Rocker.

IMG_20130715_184849

Иако не знаев, испадна дека е модел кој најмногу ми одговара. Патики кои се наменети за возење велосипед и за повремени прошетки. Тоа е овозможено со тоа што клитот () е вовлечен во ѓонот на патиката, така што не допира на патот кога се оди пешки. Другите, поспортски модели имаат издаден клит, во служба на штедење на тежина и зајакнување на конструкцијата.

Педали Welgo WPD-D3.

IMG_20130715_185626

Модел за Downhill кој ми изгледа многу солиден и цврст. На интернет најдов поплаки дека тешко се откачувала патиката од нив, но поради моето неискуство со други модели јас тоа не можам да го потврдам. На нив морав малку да интервенирам, што се гледа и на сликата. Предните запци на самата црвена платформа (која може и да не се користи, но јас сакав зашто без неа ногата ми имаше малку крив агол) заглавуваа во крампоните од патиката и со тоа оневозможуваа да се користат. Ги истругав и сега патиката се закачува и откачува без проблем.

За разлика во самите клитови, разбрав откога проверив на интернет.

cleat

Кај нив има две основни разлики. Клитови кои се фиксни и клитови кои при возење дозволуваат мала корекција на петата, а со тоа и на аголот на патиката во однос на педалата (non-floating и floating). За среќа овој модел бил со 4% float. Што не ќе дознаеш.

Следеше тестирање.

Сите се сложни. Kога за првпат пробуваш било clips, било clipless педали, мораш да паднеш. И јас се сложувам. Се сеќавам дека откога го прочитав тоа, уште кога на стариот велосипед ги пробував педалите со ременчиња, тргнав да возам по кеј затоа што сметав дека таму би било најнезбедно паѓањето. Стасав некаде во висина на Стар Аеродром, се разминав со еден другар и сакајќи да свртам по него изгубив брзина, заборавив дека сум врзан и се најдов на асфалтот. Уште се смееме со другарот и за неговите “Урокливи очи”. Со тоа искуство сега тргнав да ги проверам новите патики и педали. Прво пробав дома, на сигурно. Закачи се, откачи се. Закачи се, откачи се. Почнав полека да се навикнувам на потегот. Следеше тест на паркингот позади зграда. Земав воздух, се закачив и тргнав. Невообичаено чувство. Од една страна поради цврстиот ѓон се чувствуваш помоќен, а од друга ранлив кога станува збор за застанувањето. На ред беше кеј. Свртев неколку пати нагоре надолу, сфатив дека аголот на патиката треба да се потсреди. Го сменив кога се вратив дома. Веќе пројдоа две недели. Време беше за посериозен тест. Прва дестинација -Катланово.

IMG_20130707_112534

Сум ја возел многу пати, ги знам угорниците и удолниците, така што знам што ме очекува. Добро пројдов. Забележав зголемување на просечната брзина. Патиките и педалите овозможуваа поголема контрола на притисокот врз нив. 70км со просек од 22кмч. Не се сеќавам дека сум имал некогаш подобар просек. Решив следно да возам до Козјак. Подолга и понапорна рута од Катланово. Тука веќе почнаа да се разјаснуваат работите. Прво -сфатив дека цврстината на врзувањето на патиката има влијание врз контролата на откачувањето од педалата. Што поцврсто врзана тоа полесно откачување, но колку поцврсто ги врзував приметив дека ми трнат прстите на нозете. Што значи дека треба да најдам некој баланс помеѓу тие две. Советите тука би биле вишок. Секој треба да си пронајде како му одговара. Сигурно и со друг модел на патики би било различно. Второ -со овие патики можам многу јако да притискам врз педалите, но и тоа има граници. Не од недостаток на сила, туку од физичка способност на колената да го издржат тоа. Бидејќи не се тркам туку возам на долги релации, поважно ми е да стасам до дестинацијата без да се повредам, отколку да стасам најбргу што можам. Во близина на Маркова Сушица од никаде ми се пушти едно нервозно куче. Тоа беше еден многу важен тест за педалите кој го поминаа без проблем. Тест “Нагло застанување во случај на страничен напад од куче со цел истото да се исклоца!” Се шегувам нормално. Само му се развикав и тоа си ја подбра опашката. Повторно бев задоволен од просечната брзина која по враќањето беше околу 17кмч.

IMG_20130714_121353

IMG_20130714_121437

На враќање од Козјак свртев и до Маркова река на мало освежување.

IMG_20130714_134939

Чувствувам дека на новите искуства ќе им треба уште малку време да ми слегнат. Да се адаптирам на промените. Друго ме мачи. Сега хоризонтите се уште пошироки и подалечни.

IMG_20130707_112618

Каде сега да одам?

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s