Рута Нов Дојран – Валандово, пешки

Кога нема возење, нема ни постови. Мислам дека повеќе од два месеци не сум отишол некаде подалеку со лежипедот. Не бива тоа. Прво од што беше топло, второ фатија одмори, па со семејството и така натака. Откога ќе го изгубиш редот, тешко се враќаш пак во колосек (ако е тоа правиот збор).

Периодот помина со мали измени на аголот на седиштето, тестирање на нова задна ѕвезда и нов (не скроз нов) пренос со поголем број на запци. Сè тоа сеуште не е сосем проверено како функционира во пракса, па затоа не можам да се о/пуштам во некои подалечни авантури.

Како и да е. Летото пројде, одморите исто така. Почнавме со работа. На работа се појави можност за едно службено/неформално патување во Дојран, таканаречени Синдикални спортски игри. Се пријавив, беше одобрено, и минатиот викенд веќе остварено.

Пат како пат. Седиш во кола, 120 на саат, природата минува покрај тебе. Убаво е, ама не си надвор. Патувањето се сведува на пренос од едно место на друго, транспорт. Нема мириси, звуци, паузи. Фали тоа. А ми се свиѓа делот од Македонија после  Велес. Тивок, благ. Возевме така со колата, сè беше во ред се додека не се исклучивме од автопатот кај некое место што се вика Удово, не сум бил досега натаму. Ох, кога го видов патот веднаш ми стана криво што сум во моментот со кола, а не со точак. Убавина. Ветер. Кривини. Совршенство.

Од Удово до Нов Дојран нема ни 30 километри. По цел пат ме копкаше како ли мириса? Каква е температурата? Асфалтот. Со колата бргу стасавме до дестинацијата. Крај, толку од патот. Тоа беше во петокот. Во саботата успеав малку да украдам време и да прошетам. Се потсетив пак на патот.

IMG_20130921_084012

Ме чепна нешто во градите. Сакам да сум таму.

Синдикалите игри завршија во саботата вечер. Утредента наутро требаше да тргнеме кон Скопје. Пак ли во кола, си реков. Колегите стануваа еден по еден, времето за тргнување се ближеше. Прво ќе прошетале, па после кон Скопје. Така значи – А да тргнам јас пешки, па вие да ме соберете по пат? До кај стасам, стасам! Планот ми се разјаснуваше. Не бев сосем сигурен, но шансата не смеев да ја испуштам.

– Во ред, рекоа колегите.

Мислам дека никогаш побргу не сум се облекол, спакувал и однел торбата до кола. Јасно ми беше дека ќе бидам на пат на сонце, па затоа за да бидам видлив ја облеков најцрвената маица што ја имав и земав едно шише со вода. Телефоните ионака ми се секогаш во џеб. Излетав надвор. После првите 100 метри веќе ме потфати чувството што ми фалеше цело лето. Тоа е тоа. Надвор. Отворен пат. Проверив на мапата отприлика кај сум, заќутев, си ја накривив капата и терав. Ништо не ми фалеше.

IMG_20130922_130047

Пределот беше прекрасен. Времето совршено, ветрот јак, но пријатно годеше. Сонце, облаци, пак сонце. Доле асфалт, горе небо, лево и десно благи планини. Јас некаде измеѓу.

IMG_20130922_113613

Поминав околу 10 километри, супер се чувствував. Се прашував до каде ли ќе стасам. На мапата пишуваше дека од Нов Дојран до Валандово има околу 18 километри вкупно. Не знаев кога ќе се јават колегите дека тргнуваат, па затоа решив и да не мислам на тоа туку да уживам. И уживав. Признавам. Се разминав со неколку крави, нивните кучиња чувари. Се поздравив со нивните газди. По пат ми свирнаа неколку пати со цел да ми понудат превоз до каде што сум тргнал, но со радост и благодарност им одмавнував со раката. Сè е под контрола. Ги слушав камионите кога се наближуваа и се тргав настрана затоа што патот е доста тесен. Размислував за сè и сешто. Замислував како ќе беше да бев со точакот. Кога ли пак ќе бидам тука? Каде на светов е исто вака или барем приближно? Се радував на времето. Ако некој те праша какво време сметаш дека е совршено, ова е тоа. Не можеш ни да го опишеш. Воздухот чист. Толку е сè јасно што се гледа со километри на сите страни.

IMG_20130922_130036IMG_20130922_130041

Одев околу два часа. Валандово веќе се наѕираше во далечината. Ќе имам ли време да стасам? Колегите се јавија да ме известат дека веќе тргнуваат и дека ќе ме соберат за петнаесетина минути. Малку го забрзав чекорот. Сакав што поголема количина од патот да впијам. Успеав да поминам уште километар и пол и тоа со одврзана патика. Не ми се даваше ни секунда.

Ме стасаа некаде пред стотина метри од местото каде што се двои патот кон Валандово. Ги замолив да ме поминат и почекаат таму.

IMG_20130922_131837IMG_20130922_131905

На знакот пишува “Валандово -3 км“, значи дека сум поминал околу 15. Доста е. Се чувствував задоволно. Влегов во колата.

– Сега можеш да возиш колку сакаш.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s