Рута Велес – Куманово, преку Свети Николе

Е па редно беше малку да се повозам, да поуживам. Откога прв пат возев до Свети Николе и Штип, пределот ми остави многу убав впечаток. Денес се сетив дека пред многу години, околу деведесеттите, еднаш тргнав со автостоп накај Штип. Брат ми таму служеше војска. Бидејќи бев сам, плус и машко, многу тешко ме качуваа во кола. На крај сепак стасав, но голем дел после Велес одев пешки. Така што патот околу Мамутчево, Лозово и Сарамзалино го имам уште тогаш одблиску запознаено. Многу ми е убаво натаму. Ми одговара и бојата и ритамот на пределот.

Првобитната идеја за искористување на продолжениот викенд беше возење околу Охридско езеро, но тоа бараше повеќе логистика. Преспивање, возови… Плус оваа година во Македонски железници решиле да го укинат попладневниот воз од Кичево кон Скопје, така што во недела ќе морав до 12 часот да бидам во Кичево. Не дека немаше да стасам, но ќе го изгубев цел ден што можев да го поминам во Охрид. А криво ми е. Имав зацртано оваа година да го извозам езерото. Има уште до нова година, така што имам уште шанса за тоа.

Добро реков, ако не може Охридско езеро, ајде да возам некаде каде што не сум бил, а знам дека ќе ми се допаѓа. Километражата да биде помеѓу 50/60 и 100 километри. Седнав на bikemap.net, мерев, премерував и на крај се решив за оваа рута. Со воз до Велес, со лежипед до Куманово и од таму со кола до Скопје. Пред некој ден пробав и успеав со малку убедување да го напикам цел лежипед во кола, така што нема потреба од носач за велосипед, е сега ќе се стиснеме малку. Договорот беше со семејството да се најдеме во Куманово, да седнеме негде на ручек со пријатели и да се вратиме заедно со колата. Логистичка поддршка!

Карта за воз секогаш купувам однапред, ем од ќеф, ем за подолго да ми трае радувањето, а и за да не ми го поремети нешто планот. Измените на лежипедот ги пробав минатиот викенд до Катланово. Поисправениот агол на седиштето овозможува посилен притисок врз педалите, а и дишењето ми е подобрено. Осеќам дека на угорници сум побрз. Тоа најмногу ми требаше. Многу време поминував по најжешкото при качување на некоја планина, а тоа ми го расипуваше вкупното задоволство.

Сабота наутро. Часовникот на брзиномерот погрешен за дваесетина минути. Се препотив брзајќи, мислејќи дека ќе го пропуштам возот. Стасав задишан на железничка, проверив колку е всушност саат на мобилниот телефон. Добро е си реков (со малку осуда), подобро порано отколку подоцна. Во воз, како во воз. Секогаш стојам до лежипедот за да не се преврти од труцкањето. Овојпат патувањето беше кратко, околу саат време.

IMG_20131012_070137

На една станица го видов ова симпатично возило и си реков- Бреј, што се не возат луѓево.

Велес. Еден сендвич, проверка на мапата каде е излезот кон Свети Николе и тргнав. Времето беше многу влажно и магловито.Си помислив дека дури може и да заврне. По некое време осетив од кој вид е маглата. Од оној утрински вид, кој се рачистува откога ќе се затопли. Едвај чекам.

По обичај (кој што треба да го прекинам) се преоблекувам. На секои неолку километри застанував да соблечам нешто или да направам поинаква комбинација од работите кои ги носам. Додатно ме препоти и тоа што на патот над Велес се изведуваа поправки и имаше големи и бучни машини и камиони. За среќа не беше зафатен голем дел.

IMG_20131012_090229

Магловито и влажно, ама патот прекрасен. Малку по малку ги поминав Мамутчево, Лозово, Сарамзалино… Бидејќи беше сабота по патот имаше повеќе сообраќај од што сум навикнат. Најчесто возам во недела и разликата беше осетна.

IMG_20131012_092845Околу 10 часот маглата се крена. И тоа за најмногу пет минути. Од магловито и тмурно се претвори во прекрасно сончево време. Е тогаш стана уште поубаво. Морав да сликам.

IMG_20131012_095333

scape

Уф…

Од тука патот врти лево кон Свети Николе. Веднаш по кривината се наоѓа една запуштена железничка станица. Овче Поле. Не знам дали тука сеуште застанува воз. Изгледа како да е останата во некое друго време, минато.

IMG_20131012_100910

IMG_20131012_101159

IMG_20131012_101228

А пределот е преубав. Што да кажам. Признавам дека многу ми се свиѓа.

IMG_20131012_101031

Понатаму кон Свети Николе. Помалку сообраќај. Очекував да се појави аеродромот кај Пеширево и ете го.

IMG_20131012_102702

IMG_20131012_102755Неколку авиони, паркирани на ливада. За мене редок призор. Сум бил тука и минатата година кога проаѓав возејќи кон Штип. Ништо не е променето. Стасав и до Свети Николе. Планирав да поседам во некој кафиќ на кафе, но неочекувано патот за Куманово се двоеше уште пред влезот во градот. Хмм, малку размислив и решив да не влегувам. Свртев кон Куманово. До овде патот сум го возел, делницата Куманово -Свети Николе ми е непозната. Ме копкаше.

IMG_20131012_104151

Тука веќе падна и вториот сендвич. Беше околу 11 часот. Времето беше совршено. Пределот исто така. Блага угорница, но со подобрениот агол на седиштето чувството ми беше сосем поинакво. Можев појако да стиснам. Го осеќав тоа и по брзината со која се движев. Уживав. Заборавив да сликам. Си реков – Па некои луѓе живеат тука. Секој ден возат по патов или работат околу него. Среќници. Видов и два орли. Ловеа. Бои, есенски. Зборови, недоволни.

IMG_20131012_114744Стасав до удолница. Стрмна. Ми избега пределот додека се свестив. Ме збрка едно огромно куче, но за среќа поради удолницата можев да му избегам. Поминав уште неколку места и ете го Куманово.

Се најдов со другите во центар.

IMG_20131012_142208Верувам дека “познавачите” ќе го препознаат мотивот пред гостилницата Баба Цана во Куманово. Друштвото и седењето пријатно како и времето. Цел ден убавини. Бев уморен, но не ми беше доволно. Да можеше ќе се вратев назад по истиот пат.

Го натоваривме лежипедот во колата, се поздравивме и правец Скопје, но не по автопатот. Тоа ќе беше премногу едноставно, а мене уште ми фалеше возење. Тргнавме по стариот пат преку Арачиново.

Уште еден прекрасен ден за сеќавање.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s