Кратово

Сонце.

Цел октомври сонце. Мами надвор, на пат, а мене малку ми треба.

Патувањето започна со воз од Скопје до Куманово.

IMG_20131026_080840Класика. Последен вагон. На самиот крај од композицијата. Очекував дека на перонот ќе има поубав воз затоа што картата што ја купив беше за брз. За тој што оди до Белград, преку Табановце. Ова беше ист воз како и секој друг, но барем овој до Куманово не требаше да застанува, А и времето ми одговораше. Тргнува во 8 и 20, а во Куманово треба да е пред девет часот. Иако е сончево сепак не ми се вози рано наутро. Рачунав дека за 50 километри не морам да брзам. Го имам цел ден пред себе. Рутата за првиот ден беше следната. Скоро цел пат угорница ама во последно време дури и почнав да уживам на угорниците. Си фаќам една брзина и возам. Ме радува фактот што без проблем се качувам.

Девет саат. Проверка на мапата да утврдам кон каде е излезот за Кратово и старт. Се  помачив додека излегов од Куманово. Ме бунеше тоа што на мапата имаше два пата по кои можеше да се вози. Не бев сигурен дали едниот од нив е автопат, поради што би морал да го одберам другиот. Прашав на една бензиска. Ми рекоа -Автопат е. Се свртев, го гледам патоказот дека е со жолта боја, и сфатив дека всушност грешат. Да беше автопат знакот за Кратово ќе беше зелен. Размислив малку и за вториот пат кој би требало да се движи низ населени места, но сепак се решив за првиот. Населени места подразбираат и кучиња, а баш и не уживам во средбите.

Сонце уште од утро. Патот од типот “Мој омилен”

IMG_20131026_100657

Доволно широк. Малку сообраќај. Убав асфалт. Температура околу 20. степен. Ретко можат сите параметри да се вклопат толку совршено.

Угоре, удолу. Угоре, удолу. Угоре, пак угоре, пак угоре, па малку удолу. Почнав да разговарам со угорниците. Да се карам. -“Мене ли ме најде?” -“Готова си!”. Се трудат. Стрмни, долги, ама на крајот сите попуштаат. На врвот од последната седнав да се напијам кафе. Ми се погоди друштво да ми прави една желка.

IMG_20131026_122726

Си поприкажавме. Додуша повеќе јас зборував. Желките не се многу познати по муабетење.

После Страцин патот врти на десно. Ме израдува знакот за Кратово и Куклица. Следеше подолга удолница. Како само се однесуваше лежипедот по таа удолница. Пред да тргнам, бидејќи имав мала километража за возење, се решив за помеки гуми. Брзина не ми требаше, повеќе удобност. Со помеки гуми лежипедот е како Ролс Ројс на удолници. Не крева преголема брзина. Дупките и пукнатините ги преминува без удари и вибрации. Милина. Воздухот ме ладеше и покрај сонцето. Тоа беше уживање за паметење.

На тој дел од патот сообраќајот уште повеќе се намали. Се разминав едвај со неколку автомобили. Се радував на посетата на Куклица. Не сум бил досега. Сум слушал и гледал слики од таму. И ете го. Исто како на сликите. Уствари и би било чудно да се менува, нели.

kukkliciIMG_20131026_132548 IMG_20131026_132634IMG_20131026_133254Чувството е невоообичаено. Како да си на друга планета. Непознати облици и материјали. Како да требало да остане скриено засекогаш, но по нечија грешка (за која што кривецот е сигурно казнет) азното станало достапно на сите.

Поседов, разгледав, се потрудив да запаметам. Време беше да продолжам кон Кратово.

И ете го.

IMG_20131026_144700И добро што стасав. Не знам како по пат останав без вода и веќе бев жеден. Најверојатно сендвичот што го изедов во Куклица бил солидно солен. Имаше еден знак по пат на кој стоеше дека има питка вода на 200 метри, но кога стасав таму целото опкружување на чешмата на која пишуваше Гоцева чешма, беше во таква лоша состојба, да се откажав од полнење на шишињата. Ќе издржам.

Се радував што сум во Кратово. Апсолутно ми е непознат град. Никогаш не сум бил досега. Немав многу време до стемнување па затоа се потрудив да видам што повеќе. Од брзање немав ни можност да посветам внимание на секој објект посебно, а во случај со Кратово тоа ми е особено криво.

IMG_20131026_150335IMG_20131026_150626IMG_20131026_150640IMG_20131026_151153IMG_20131026_161914IMG_20131026_161934IMG_20131026_162421IMG_20131026_162634Измешани емоции. Положбата на градбите, куќите, улиците. Чувството меѓу нив е преубаво. Единствено што ми засмета е лошото одржување на градот. Се гледа дека некогаш бил богат и со луѓе и со средства. Сега, барем јас така го почувствував, како запоставен. Фасадите, бандерите, шахтите, непроменети повеќе децении. Све ми се виде поправано -недоправено. Најмогу ме зачудија бандерите. Не можеш да фатиш кадар да сликаш без да во него има најмалку еден кабел кој виси од некоја бандера.

Вечерав Кратовска пастрмајлија со чадено месо и се прибрав да се одморам. А таму каде се одморав е приказна за себе.

IMG_20131026_161622

Шанчева куќа.

Стара околу 300 години, во поново време со реновирана надворешност. Се користи како хостел за патници намерници кои сакаат да го почувствуваат животот на старо Кратово. Внатрешноста е уникатна. Мирисот, звуците на дрвените скали, вратите, прозорците. Се е од друго време, од друг живот.

IMG_20131026_161723IMG_20131026_165002Се радував на преноќувањето се додека не ми кажаа дека вечерта освен мене нема да има никој друг во куќата. Хмм. Сам. Во куќа стара 300 години! Па какви се звуци нема таа куќа да произведува навечер. Се ближеше 22 часот, а јас полека се спремав за спиење со начулени уши. Заѕвони телефонот. Сепак ќе дошле уште двајца да преноќат таа вечер. Мајстори кои работеле на фасада на некоја црква. Ех. Малку и ми стана криво што не останав сам. Заспав.

Недела, утро.

Станав порано затоа што дента имав за возење околу 130 километри. Се радував на утрото. Беше ладно, но ме чекаше најубавиот дел од посетата на Шанчева куќа.

IMG_20131027_053103Кујната.

Не можам да го опишам задоволството на кафеџија како мене, да пие кафе рано насабајле во кујна како оваа. Уште кога ја отворив вратата ме обзема мирис на к’цана сол, свежо нане, турско кафе, дрвен под, мебел, векови. Убавини.

Си приставив кафе и на телефонот ја проверував рутата на патот за дента. Со кафето ги читав апдејтите на Снежана Радојчиќ http://gea-tour.com/ која што деновиве вози низ Непал, Анапурна. Го споредував нејзиниот потфат со моите микро патешествија. Сам, на пат. Размислував.

Се поздравив со Кратово.

IMG_20131027_064307Времето и тој ден ме служеше.

IMG_20131027_071611 IMG_20131027_071700

По кратка стрмна угорница следеше дооолг спуст. Повторно лежипедот. Повторно уживање. Меки гуми, брзина околу 45 километри на час. Мислев да застанам во Пробиштип кој ми беше по пат, но се плашев дека ќе немам време да стигнам во Скопје пред да се стемни. Дента се смени саатот така што веќе во 17 ќе биде темно. Поминав низ Пробиштип без застанување и продолжив понатака по удолницата. Немаше потреба од вртење педали. Брзината ми беше некаде околу 30 кмч. Застанав. На патот имаше знак за Свети Николе. Ми проработе авантуристичкиот дух. Тој правец не ми беше во планот. За беља на мапата на телефонот тој пат изгледа како да е прекинат. Немам време за грешки. Си го прибрав авантуристичкиот дух назад. Ке се држам до планот.

Аголот на уздолницата се намали така што сега морав да вртам со педалите. Брзината солидна, но патот ми се виде долг. Поради меките гуми и трудот за вртење е поголем. Не ми се допадна кога сфатив дека уште сум далеку од Свети Николе, а веќе сум уморен. После четири саати возење јас сум само во околина на Штип. Како сум можел да возам 12 часа од Охрид до Скопје, а сега после само четири јас сум исцрпен? Направив мала интроспекција, се прилагодив на состојбата, се пофалив за дотогаш сработеното и си дадов елан за понатаму.

Во Свети Николе седнав на кафе во нај “тупса – тупса” (гласниот) кафич што го најдов. Ми фалеше малку бука и човечка галама. Се одморив. Патот од тука до дома го знам. Знам што ме чека. Ме радуваше тоа што тој ми е омилен крај за возење. Колку сака нека е стрмен. Ионака по стрмното има уште поубава уздолница скоро до дома.

Тргнав.

На една раскрсница прашав едни деца кои ме гледаа за патот кон Скопје. Со задоволство ми го посочија. Возев кратко, а тие одеа по мене. Нешто не ми беше во ред. Пак го прашав едното дете дали е сигурно за патот и тоа одговори:

-Да, за Скопје! Прво Куманово, па потоа Скопје.

-Куманово?! Па не идам јас за Куманово!

Го извадив телефонот и видов дека сум тргнал, како што рекоа децата, кон Куманово.

– Така и ми треба кога слушам деца, реков на глас.

Ме слушнаа. Ми падна криво. Па тие само сакаа да ми помогнат. Ах, што сум станал за нигде. Немаше поправање на ситуацијата. Се поздравив и продолжив по патот по кој што мислев да возам. Кон Сушица.

sv nikole1Немам доволно убави зборови во мојот речник за тој предел.

Последните стотина метри од узгорницата ги поминав со туркање. Бев задоволен. Оттука имам десетина километри прекрасна удолница. Направив пауза на врвот. Кафе, сендвич и нешто благо.

Ууууумммммнннндддоооллллнниииццааааттааа…

Коњари Горно, Средно па Долно. Ржаничино, Петровец, Идризово. Едно по едно, полека до Маџари. Веќе беше околу 16 и 30 (по ново). Кога стигнав на кеј во Аеродром, сонцето веќе беше на зајдување. Додека стасав до дома веќе и зајде сосем.

Е мора да зајде.

1 thoughts on “Кратово

  1. Пингување: Година дена блог | Лежипед

Напишете коментар