Година дена блог

Декември стаса и јас се сетив дека блогот почнав да го пишувам пред една година. Минатиот декември. Некако овој период ми е период на преод од топлиот во ладниот дел од годината. Затоа изгледа сум почесто дома и не возам многу. Освен низ град. Но за подалеку некако сакам да бидам психички поспремен. Не мислам дека ќе ми биде ладно да возам, ама целата подготовка е различна за возење во зима.

Лежипедот го купив декември 2011. Го имам веќе две години. Не ја мерам вкупната километража која сум ја поминал со него. Повеќе мислам на деловите од Македонија низ кои не сум прошол. Ги има доста, ама им се намалува бројот. За оваа година ми беше планирано да возам околу Охридско езеро, но ете некако не се случи. Имаше влијание и возниот ред на Македонски железници кои ова година имаа укинато некои линии кои ми беа многу битни, како попладневниот воз од Кичево кон Скопје и попладневниот од Кочани. Без нив планирањето рути беше покомплицирано. Ќе видиме овогодинешниот возен ред што ќе донесе (и тој се менува во декември).  Инаку со возовите на МЖ добро проаѓав. Цената од две кафиња (Скопски) за еден правец ми изгледаше сосем пристојна. Е сега, и “удобноста” е на исто ниво, мада мене воопшто ништо не ми пречеше. Второ што не успеав да извозам, а веќе го имав планот, беше Струмица, преку Велес и Штип. Планот ќе го префрлам за следнава година.

Ме радува, лично, што годинава успеав да возам неколку дена по ред. Тоа беше тура од мислам 350 километри. Прилеп, Битола, Ресен, Охрид… Пола Македонија. Ми остана во многу добар спомен. Еден куп градови. Исто и турата до Кратово беше со преспивање. Прекрасни спомени. Источна Македонија ми е преубава.

Со лежипедот се навикнавме еден на друг. Му ги открив предностите и слабостите. Може уште да се инвестира во подобра опрема, полесна и поиздржлива. Во тој дел нема крај, секогаш може подобро. Дали може подобро во мојата издржливост, тоа допрва треба се види. Иако сега малку паузирам, за идната година имам планови цела торба. Би било фино да можам да поминам преку граница, било која. Врање беше една од опциите, или Солун. Ме влечат некои подолги тури. Малку да се заборавиш од возење. Сам со себе. Следам неколку велосипедисти кои возат околу светот, се замислувам и јас некогаш како нив. Можеби и не толку далеку, но барем некоја дестинација од 1000 километри. Би го сметал тоа за успех. Би се вратил дома насмеан.

На почеток блогот го пишував целно за лежечки велосипеди. Се запознавав јас со лежипедот, а претпоставувам и тие што читаа. Постепено, откога навлегов повеќе во проблематиката на велосипедизмот, откога некои работи ми станаа вообичаени, сфатив дека со лежипедот можам да стасам до каде сакам. Така што неочекувано блогот ми се сврти кон една патеписна насока. Не претпоставував дека ќе ги опишувам турите. Дека некому ќе му објаснувам колку е некаде убаво, а убаво е навистина. Да се биде сам на патот, на отворено, е посебно чувство. Да се открива нов предел е прекрасно.

Мене веќе лежипедот не ми е чуден. Го гледам како можност. Како средство, алат кој ми помага. Исто така и се навикнав да се вртат по мене, да ми свират со коли, да ме мислат за “странец”. Без тоа не може да помине ниедно излегување. Од “Будала!” до “Браво!”, реакции секакви.

Гледано статистички, ми се допаѓа посетеноста на блогот. Над 10000 прегледи од цел свет. Би сакал да има повеќе коментари и разговори, дури можеби и прашања. Да размени некој некое искуство со мене. Би било убаво да има повеќе македонски блогови поврзани со велосипедизам. Со време очекувам дека и ќе биде така. Приметувам дека велосипедизмот во Македонија зема замав. Од урбано градско возење до тури од над 100 километри. Се надевам дека и инфраструктурата ќе се развива според потребите.

Не знам во кој правец ќе ме однесе пишувањево на блогов. Приметувам дека и тој се развива и менува како мене. Кои работи ќе ми се случуваат на мене, ќе му се случуваат и нему. Се надевам дека сите ќе бидат позитивни.

Поздрав до следниот пост.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s