Прилеп – Скопје

Доволно врнеше. Пред две недели не можев да издржам и иако беше најавен дожд,  отидов со воз до Куманово и возев на враќање преку Арачиново. По цел пат беше облачно, а на крај во Скопје ме фати дожд и солидно ме накисна. Бев спремен, кеса врз кацигата, непропустлива јакна, навлака преку торбата. Јакната на крај испадна Пропустлива, но не ми значеше воопшто.

IMG_20140504_10070911

Немав возено подолго време така што го искористив патувањево за да си ја испитам состојбата. Состојбата ми се виде во ред, само некако колената не ми изгледаа сигурни, а и ветерот што ме дуваше по удолницата не ми годеше.

Пак заврна следниот викенд, ништо од возење. Ми се насобра доволно. Прогнозата за следниот викенд беше совршена. Решив да ја искористам максимално. Ми требаше нешто каде што сум бил. Да е над 100 километри, а сепак да не е пренапорно. Плетвар, си реков, ама надолу.

Го имам возено Плетвар нагоре два пати и двата пати ми било солидно тешко. Угорницата е долга околу 20 километри со константно зголемување на стрмноста. Патот е без многу случувања на него, така што поради тоа изгледа уште подолг. Затоа решив да го возам од обратно. Од Прилеп кон Скопје.

Се возбудив во саботата. Решив да одам да купам карта за воз, а претходно да поминам и да купам нови гумички за кочниците. Некако со стариве цело време како да имам некаква празнина кај задното тркало. Влегов во продавницата ги најдов тие што ги сакам и решив да ги земам. Ама што се случи. Од возбуда си го заборавив кодот на картичката! За среќа во продавницата имаше и апарат на кој може да се плати со потпис. Ок реков кочници имам сега уште карта за воз. Отидов до банкомат да извадам пари, а на кодот уште не ми текнуваше. Пробав двапати, погрешен. Пробав третиот пат- “Картичката ви е задржана!” Ете ти сега. Морав да се позајмам пари од мајка ми за да можам да купам карта. Неочекуван пресврт на настаните. Карта купив, а кочниците добро ми изгледаат.

IMG_20140510_103320Возниот ред за неделата не ми одговараше совршено. Во Прилеп се стасува нешто пред 10 часот наутро. Навикнат сум да го имам цел ден пред мене кога возам, но овој пат не можев да бирам. Уживав во возот, иако застануваше на секои 10 минути. Застана дури и во еден тунел. Начув дека ја ладат локомотивата затоа што се прегреала по угорницата. Не се брзав. На тоа никако не можев да влијаам.

Стигнавме во Прилеп некаде по 10 часот, а јас знаев што ми се прави. Кафе! Свртев низ центарот. Рано беше и во ниеден кафич немаше никој, така што беше сеедно каде ќе седнам. Одбрав еден каде сум седел и порано и нарачав долго еспресо. Не ми беше доволно и нарачав уште едно. Знаев дека до Велес нема да имам друга прилика за добро кафе.

IMG_20140511_101337

Излезот од Прилеп кон Скопје го знам. Угорницата до Плетвар е стрмна, но кратка. Околу 5 километри. Ја фатив полека и со штедење. Знаев дека ако сега се напрегнам, можам да си го упропастам цело возење. Мислам дека цел саат ја качував. По пат имаше многу мотоциклисти и скоро сите ме поздравуваа со свирките. Ми годеше. Се чувствував како дома. Кога се качив на превојот не ни погледнав колку е саат. Се проврткав малку и се спремив за удолницата.

IMG_20140511_115344Знаев дека ќе ми пречи ветерот па затоа ставив марама под кацигата и тоа превиткана на дупло. Од самиот звук од брзото возење може да ме заболи глава, а тоа немаше да биде добро. Ги ставив и новите наочари за сонце. Плус имам нови гумички на кочниците кои што требаа да се пробаат. Ајде реков.

Брзината беше околу 50 кмч скоро целиот спуст. Ми беше чудно. Марамата и наочарите некако ме изолираа од надворешните услови. Не ми бучеа ушите и не ми биеше сонцето во очи. Новите кочници се покажаа многу добро. Даваа чувство на сигурност и секако беа добар избор.

IMG_20140511_125521Во Росоман стасав гладен. Мислев да се снабдам со вода во еден маркет, но беше затворен. Добро беше што пред него беа оставени масите и столиците така што седнав и си дадов доволно време да се одморам. Јадев на раат. Имав уште доста за возење и знаев дека ќе ми треба и силата и главата за да стасам дома.

Помеѓу Градско и Велес патот е преубав за возење со велосипед. Патот е доволно широк, нема премногу сообраќај, а околината е фантастична.

IMG_20140511_1436551IMG_20140511_143822Си ќутев и уживав. Ми се виде долго, но Велес немаше каде да бега. Стасав околу 4 часот попладне. Едвај најдов место да седнам на кафе затоа што изгледа цела младина во Велес беше излезена на кафе. Убава младина и тоа. Се заседнав, а имав уште доста пат до дома. Се надевав дека ќе стасам во Скопје пред да се стемни, но почна да ми изгледа дека нема да успеам. Не поради ништо друго освен поради лошиот пат помеѓу Езерото Младост и Катланово. Тој пат е приказна за себе. Секогаш се трудам да го избегнам, но секогаш пак се враќам по него. И секогаш повторно ме изненадува неговата состојба. Ми се чини дека секоја година е подолг и полош. Возев и барав зборови да го опишам на некој кој не го возел. Вака некако: тврда, нерамна, камена подлога со дупки. Врз неа ситен песок кој слободно се движи врз тврдата површина. И најгоре аглести камења, големи колку тупаница кои исто така никако не се поврзани со ништо. Ужас за велосипед, а камоли за лежипед и сето тоа долго околу 7 километри.

Стратешки го нападнав. Ги издишав гумите дури и под препишаната долна граница. Стратегијата се покажа успешна, но брзината сепак беше само околу 5кмч. На излезот од ужасот наидов на едни дечки кои ме прашаа:

– Како со твојов велосипед по патов?

– Катастрофа! – крикнав.

Застанав на крајот, ги напумпав гумите повторно и тргнав кон Катланово. Тука има една удолница, која не знам дали поради што сум блиску до дома, ама секогаш ме фаќа некаков адреналински напад кога ја возам. Пеам, викам, се смеам, лудница. Асфалтот мазен, скоро и да нема сообраќај, кочниците на место, така што нападот не изостана ни овој пат. Прекрасно чувство.

Прекрасно ама видов дека прошло 7 часот. Се стемнува околу 8, така што сфатив дека ќе ме стемни, а пред да тргнам не успеав да си го најдам задното црвено трепкачко светло. Не ми се допаѓаше тоа. Возев, а сонцето почна да заоѓа.

IMG_20140511_1929551Имав сила. Се штедев по цел пат, така што сега можев да запнам. И запнав. Возев со околу 25 на саат. Пролетав покрај селата што се по патот. Ми беше важно што побргу да стасам до Скопје. Ми правеше притисок недостатокот на задно светло.

Влегов во Маџари и осетив олеснување. Требаше уште само до кејот на Вардар да стасам. Кејот ме носи скоро до пред врата дома. Ете уште пругава да ја преминам. И што да кажам. Следев една кола пред мене која ја преоѓаше пругата. Касно сфатив дека аголот под кој колата ја сече пругата е невозможен да го фатам јас со лежипедот. Темно беше, немаше место за маневар, тргнав преку пругата накосо, предното тркало се слизна и јас се најдов на асфалтот колку што сум долг и широк. Истовремено како штo паднав ме фати грч на левата нога. Ме болеше толку јако што помислив дека е можно дури и нешто полошо да сум се повредил. Ја исправив ногата, сепак беше само грч. Од една кола ми довикнаа:

– Што направи? Па не ти е тоа за тука да го возиш! Тоа е за негде другде, не за овде. Тука не е за такви работи!

Тешко ми падна. Се прибрав, го проверив лежипедот., за среќа ништо битно не се скрши и продолжив понатаму.

Нервозен стасав на кеј. Ме нервираа пешаците на патеката и на сите им ѕвонев и грубо им кажував да се тргнат. Не сакав така да ми заврши возењето па затоа продолжив до Лептокарија трговскиот. Познавајќи ги скоро сите автомати за кафе во Скопје, знаев дека има една отворена продавница со Јакобс автомат. Седнав на клупа со кафето си го свртев филмот наназад.

IMG_20140511_115449

Сфатив дека сум поминал еден убав ден.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s