Скопје – Белград – Budapest

– И? Како си пројде?

– Не знам.

Не можам да дадам дефинитивна оценка. Сé уште.

Од една страна авантура, патишта невозени, далечина, осаменост, исполнетост, адреналин. Сите работи за кои воопшто и тргнувам некаде со точакот. Од друга страна напор, ризик дури и по живот, малтретирање, страв, откажување и други непријатности кои го прават ова патување најтешко кое досега сум го имал.

Скопје

Обично околу Нова година земам одмор од работа и го поминувам со семејството. Оваа година бев спречен поради боледувањето на колегата кој ме менува. Ми останаа денови.

– Па земи го одморот напролет и вози некаде. – Предложи мојата колешка.

Се мислев каде. Барав по Гугл мапс. Решив да се честам со подолго возење по рамно. 400 километри од Белград до Будимпешта. 4 дена по 100 километри не би требало да ми претставува никаков проблем. Побарав некаков велосипедски настан кој би ми бил дестинација во Будимпешта и го открив I Bike Budapest https://www.facebook.com/events/1658479050844052/. Критична маса од толкави размери што повеќе претставува велосипедски фестивал. Со учество од неколку десетици илјади велосипедисти, скејтери, луѓе на ролерки. Деца, бебиња, мажи, жени, тинејџери и повозрасни. Сé тоа на улица, оваа година на 22 Април. Совршено!

Се нафрлив на пронаоѓање места за спиење во Белград по пат и во Будимпешта. Бидејќи немам искуство со спиење во шатор, овој дел секогаш ми одзема голем дел од подготовките. Кога пресметав колку пари ќе ми требаат за целото патешествие решив да се обидам да побарам и фирми кои би можеле да ми помогнат. Пратив околу 200 е-мејлови и имав среќа да во пресрет ми излезат РИО КАФЕ, ЦЕТРАНС Шпедиција и Обелиск Корп. Исто така и роднините и пријателите беа од голема помош.

Кога веќе стаса април јас почнав да се тресам од возбуда. Прогнозата за временските услови кои ме очекуваат по пат се менуваше секој ден, но очигледно беше дека треба да заборавам на кратки ракави, шорцеви и крема за сончање.

Белград

До Белград стасав со автобус. За да се осигурам дека нема да имам расправања со шоферот, лежипедот го расклопив и спакував во голем најлон. Тркалата беа во посебна кеса исто така спакувани. Така расклопен беше незграпен за носење и исклучително тежок, но што се мора не е тешко, велат.

1

Во Белград стасав на Велигден. Апсолутно све беше затворено и немаше скоро никој по улиците. Врнеше. Депресивно, но идејата за тргнување на пат утре изутрина ме држеше расположен.

IMG_20170416_103558

IMG_20170416_101950

IMG_20170416_100455

И тогаш вечерта, хорор од временската прогноза! Мислам дека на секои 15 минути проверував и секогаш беше полоша од последната.

“Белград – дожд, ладно. Нови Сад- облачно, ладно. Сомбор – снег, многу ладно! Баја -снег, многу ладно! Калоча- снег, мраз, ветер 70кмс, многу ладно! Будимпешта – дожд и сé уште ладно”

Се шокирав кога сфатив дека патувањево нема да биде пропратено со пеперутки, благо сонце и мирни рамничарки ветриња. Целата депресија од празниот Белград, прогнозата и стравот ми се срушија врз глава и душа што дури и заплакав. Ете, плачев во Белград.

Со надеж дека времето сепак ќе се подобри, утрото тргнав кон Нови Сад.

6

Во Петроварадин ме чекаше Милан кој го најдов преку warmshowers.org кај кого требаше да преспијам. По пат, да не ми висеше стравот од дожд, најверојатно поубаво ќе си пројдев. Цело време гледав накај облаците и им го проверував правецот. Не се ни сеќавам како стигнав до Инџија, а после и до Сремски Карловци. Знам дека видов убави куќи покрај патот. Прави војводински. со прозори кон улицата, а дворот од задната страна. Специфични кровови.

Ми рекоа дека Сремски Карловци е убаво место. Навистина. Мало и романтично. Плоштадче со црква, чешма, место за кафе, мир.

7

8

IMG_20170417_130321

Нови Сад

10

IMG_20170417_141132

Одамна сакав да одам во Нови Сад. Стасав до центарот и седнав да уживам во градот и себе. Бев спремен да тргнам кон Петроварадин, кога слушнав

– Сергеј?

Пријателот Александар кој се има преселено во Нови Сад, со сопругата и бебето. Е каква случајност! Седнавме на кафе, помуабетивме за Велосипедцките работи, кај нас и кај другите. Се поздравивме, и јас се вратив во Петроварадин кај Милан.

Чудно искуство. Милан. Живее сам. Работи како курир на велосипед. Често прима на преспивање велосипедисти од цел свет кои проаѓаат низ Нови Сад. Се почувствував поинаку, како да сум открил некој свет дотогаш непознат и скриен. Кој сум го сонувал, а сега сум дел од него.

Утрото станавме рано и јас тргнав кон Сомбор.

Огромна ширина. Најголема количина на небо што може да се опфати со еден поглед. Уживав, но сивите облаци полека се губеа зад мене, додека црните беа сé поблиску.

12

Сомбор

13

Беше тмурно и влажно кога стасав во Сомбор иако беше само 13 часот. Имав време да го разгледам градот. Убав, уреден центар за шетање, но останатите делови малку запуштени. Не многу различно од кај нас. Се снабдив со храна и се вратив во удобниот мотел на бензинска пумпа Кнез Петрол. Заспав со телевизорот вклучен.

Утрото погледот од прозорецот беше донекаде очекуван, но сепак не во толкав интензитет. Снег паѓал скоро цела ноќ, доволно да се нафати врз тревата и дрвјата. Ветрот безмилосно ги тресеше рекламните знамиња од пумпата. Правецот на веење беше спротивен од мојот. Ќе биде напорно – си реков.

16

Обилниот доручек ме накрена и тргнав.

Со две водоотпорни пресвлаки за торби се обидов да се заштитам од дождот, но ветрот ја скина едната која ми ги штитеше колената и нозете, и почна да ја разлетува на сите страни. Од старт знаев дека е непоправлива така што продолжив, свесен дека ќе бидам цел мокар до гола кожа.

Се приближив полека кон српската граница, ја поминав велејќи си – Оттаму е Унгарија. За прв пат ќе ја видам! Продолжив кратко кога видов знак на кој пишува Република Хрватска. Ми се стемни. Поради дождот и ветрот, не го проверив ГПС на телефонот и наместо кон Унгарија, сум свртел кон Хрватска.

Воопшто не влегов во Хрватска. Да беше времето подобро, можеби и ќе се потрудев да најдам друг пат и да поминам унгарска граница без да се враќам, но дента немав избор. Еден српски полицаец ми објасни каде погрешно сум свртел и како често возачи грешат бидејќи нема добар знак. – Па што не ставите добар знак, да ви е*** тоа. – си реков. Назад до правиот пат и овој пат успешно влегов во Унгарија. Ме изжали младата унгарска полицајка што сум тргнал баш на ваков ден.

Ветер, ветер, ветер, и константен дожд. Во Баја требаше да купам СИМ картичка за да имам интернет по пат и додека сум во Унгарија. Таму за прв пат се сретнав со тоа што го велат дека унгарците не зборуваат англиски. Едноставно апсолутно не те разбираат што ги прашуваш, а ти од другата страна не можеш ни да распознаеш кога некој збор почнува, а кога завршува.

Во Телеком Унгарија немаат припејд картички, успеавме некако да се разбереме преку гугл транслате. Барем така сфатив.

Бев скроз мокар кога ми стаса порака од газдарицата кај која што требаше да спијам во Калоча која со жалење ме извести дека ако сакам да вклучи греење во собата треба да доплатам уште осум евра. Бев смрзнат. Собата беше договорена за десет, што значи сега на макава сака да заработи дупло. Знаев дека немам избор, а ни сила да се убедувам дека греењето треба да спаѓа во цената, но сепак успеав барем да ја симнам цената на пет додатни евра.

Беше некаде околу 18 часот кога стасав до куќата.

Калоча

17

Ме пречека газдарицата. Собата беше топла така што не реков ништо за цената. Се расоблеков и обесив све да се суши. Вечерта тркнав до супермаркет и се снабдив со јадење. На телевизија серии синхронизирани на унгарски. Утре требаше да биде најтешкиот ден.

И така и беше. Се надевав дека барем искуството од претходниот ден ќе ми помогне, но времето беше поладно, помокро и поветровито. Облеков долна облека, пижами, панталони и врз панталоните шорцеви. Од супермаркетот купив гумени ракавици за чистење кои ги ставив врз моите зимски ракавици. Тргнав.

После само еден час возење бев скроз мокар и смрзнат. Ветрот кој дуваше или во мене или од мојата лева страна ја креваше целата вода од возилата со кои се разминував, врз мене и точакот. Кога се разминував со камиони се чувствував како некој да ме полева со цела кофа вода. И тоа не се случи само еднаш или два пати. Константно по цел пат се разминував со камиони. На секои една до две минути нова кофа вода. А километрите не се намалуваа. Се плашев што ке правам ако имам проблем со точакот. Макар дупната гума.

Успеав да најдам еден дел од Еуровело 6 кој се движеше паралелно со патот, барем да не возам меѓу камиони, но и таму исто врнеше и дуваше и беше камен ладно.

18

Стасав до Солт. 90 километри до Будимпешта. Застанав на една бензинска станица и цел укочен влегов внатре. За среќа беше поснабдена, со кафе апарат, фен во тоалетот и пецива за јадење. Но…

Се откажав. Не можев повеќе.

Решив да побарам или место за да преспијам или да продолжам со автостоп. Нељубезноста на вработените, можеби поттикната од мојот изглед на мокро куче, а и нивото непознавање на англискиот јазик не ми оставија простор нив да ги прашувам за помош. Барав некаков знак за мотел, не најдов. Прашав десетина шофери кои застануваа на бензинската да наполнат гориво, да ме однесат до Будимпешта, и тоа без успех.

Поминав скоро цел час на бензинската барајќи превоз. Во меѓувреме се потстоплив, подисушив, видов не видов, сфатив дека немам друг избор освен да продолжам. Земав нови кеси за околу нозете и излегов пак на дождот. Увидов дека ако возам побрзо и повеќе се напрегам, температурата на телото ми расте и барем не ми е толку ладно.

Времето не се потруди да ме поштеди. Продолжи со ветер, дожд и камиони. Јас пцуев, колнев, се молев, се обидував со разговор ама без ефект. Сфатив дека времето нема претстава дека сум јас таму и дека ми е тешко и страв. Не беше тоа убаво чувство.

Успеав да поминам уште триесеттина километри кога наидов на уште една иста бензинска пумпа. Влегов внатре и веднаш се упатив кон тоалетот. Се соблеков гол и почнав да се цедам знаејќи дека повторно ке морам мокри да ги облечам работите. Квалитетниот сушач за раце внатре беше како благослов. Се дував од секаде. Од напред, од назад. Рацете, ракавиците, капите, марамите, панталоните, чорапите, патиките, јакната. Све. Ми стаса порака од газдарицата Петра во Будимпешта. Знаејќи во какви услови возам, ми кажа дека може да ми помогне и да ме “спаси” со кола. Тоа ми даде сила и надеж. Си реков, има уште 60 километри до крај, до Крајниот крај. Се набилдав со едно кафе, пециво и енергетски пијалок и така стоплен и “сув” ПА СО ЗУБИ КЕ ТЕ ИЗВОЗАМ ДО КРАЈ М***М**ТА ТВОЈА тргнав.

Ѝ пишав на Петра – Доаѓам, не ми треба помош.

Запнав. Времето не попушташе. Веќе беше 19 часот кога се приближив до Будимпешта. Сфаќав полека дека на патешествиево му доаѓа крајот. Се радував и не се радував.

Од таму каде мислев дека сум веќе стасан до самиот град ми требаа уште час и половина. Ме обвитка Будимпешта од сите страни. – Wow, си реков. Не очекував волку големи зданија.

19

Петра најсрдечно ме пречека, се истуширав, напив кафе, ги исправ алиштата и заспав.

Будимпешта.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s