Струмица

Се мислев дали да напишам текст во врска со патувањето до Струмица. Се плашев да не ми се разлее убавото чувство што ми остана откога се вратив дома,  ако го споделам. Ама па ако не ги споделам убавите моменти, што ќе остане? За неубави секој си има свои. И така,

Струмица.

Знаев дека ми се вози источна Македонија. Сум спомнал неколку пати дека десно од Велес ми е преубаво, а толку ретко сум таму. Возот до Кочани уште ми прави проблем затоа што никако не можам да го комбинирам без спиење првиот ден. Гледав по мапата, мерев километри, проверував возен ред. Велес – Струмица, преку Радовиш 120км. Струмица – Гевгелија 50км. Временска прогноза не баш совршена,  предвидени врнежи тој викенд. Е па баш ми е гајле – Една карта во еден правец до Велес, за сабота!

Железничката станица очекувано полна. Видов уште двајца со велосипеди и знаев дека ќе треба некако да ги усогласиме на едно место, а да не им пречиме на кондуктерите. Им викаше едниот – Не таму девојче, не таму. Во оној дел, онде! Покажувајќи на еден поширок дел од вагонот. Се напикавме некако. За брзо време слегов во Велес. Не фалеа коментарите: Ем лежиш, ем возиш! Црногорски точак! и слично. Бев прегладнет. Додека јадев на телефонот проверував каде е излезот кон Штип. Нешто ми беше чудно. Курсорот на мапата ми е свртен наопаку. Стрелката покажува наназад цело време. Ќе мора да се навикнам затоа што немам време сега да го чепкам. Тргнав. Патот помеѓу Велес и Штип сум го возел неколку пати и ми се допаѓа, ама овој пат времето си го напраи своето. Толку беше облачно, сиво и депресивно, што цело време го проверував километражникот. Не проаѓа патот. Како да возам во место.

IMG_20140524_093416 Се доклацкав некако до клучката пред Штип. На една бензинска пумпа најдов на автомат за кафе и седнав да одморам малку. Од тука патот кон Радовиш и Струмица ми е непознат. Минатата година на истово место ме пресретна извесен Оливер од Штип, исто на точак. Уште тогаш ми го покажа патот и го пофали дека е преубав, ама не се сеќам дали рече за патот за Кочани или за Радовиш.

Тргнав кон непознатото. Почна со блага удолница која ми годеше. Времето полека се отвараше.

IMG_20140524_122554Патот е убав, но тесен и со солиден сообраќај. Имаше и многу камиони па така да цело време проверував во ретровизорот да не се најдам во незгодна позиција кога два се разминуваат. Видов и нешто што личеше на пресечена пирамида.

IMG_20140524_131207

Подоцна видов дека тоа било нешто поврзано со рудникот Бучим. Вака оддалеку изгледа имресивно и страно. Времето продолжи да се разубавува и јас продолжив кон Радовиш со повеќе елан.

Во Радовиш морав да седнам во сендвичара да пијам кафе зато што сите кафичи беа скроз полни. Млади, стари, деца и слично.

IMG_20140524_142206 IMG_20140524_143823

Изегов на патот кон Струмица и реков – Е за ваков пат е создаден лежипедов!

IMG_20140524_150715

Широк. Нов асфалт. Блага удолница, таман да лежипедот без вртење на педали сам оди 30 на саат. Уживав. Скоро и да неќев да стасам во Струмица.

IMG_20140524_160646Отидов до центарот и замолив да ме сликаат (уште се смеам на сликава). Реков – Ако може да се гледа и споменикот во позадина..

IMG_20140524_164039Требаше некако вака да изгледа 🙂

IMG_20140524_1639421Во Струмица имав договорено да спијам во Манастир Свети Петнаесет. Се распрашав и го најдов. Маалото во кое се наоѓа (барем така ми изгледаше) е со комплетно ромско население. Бучно и преполно. Вечерта кога се вратив од прошетката низ Струмица, контрастот помеѓу мирот и тишината во манастирот и буката надвор од оградата беше уште поприметлив. Околу 22 часот буката се потсмири. Заспав со мислата за утрешната временска прогноза. Најавуван беше дожд. Бев спремен, но сепак.

Станав утрото. Прозорите на собите се со обоено стакло, така што не се гледа какво е надвор. Какво ли време ќе ме поздрави кога ќе ги отворам?

Прогнозата не можеше да биде попогрешна. Ох среќа и радости! Сонце! Се расположив до максимум. Дај да разгледам тогаш малку.

IMG_20140525_064542IMG_20140525_064730 IMG_20140525_064512 IMG_20140524_181512 IMG_20140525_071712  IMG_20140525_064415 IMG_20140525_064340

Црква, Стара базилика, Конаци, Камбана, Пауни, Желки, Сонце, Кујна, Голема кујна, Кафе..

Се спремив и тргнав да си одам. На излегување ме прашаа

– Јадеше ли?

– Не. -реков -Јас бев договорен само за спиење.

– Не може да си одиш без доручек! Недела е и ова е црква. Врати се во кујната да ти дадат да јадеш.

Имав сендвичи спремно за дента, но не сакав да одбијам такво гостопримство. Доручекот беше богат. Се најадов, се заблагодарив и тргнав да си одам.

– Пак да ни дојдеш.

– Се разбира. Ви благодарам многу.

До Гевгелија имам само 50тина километри, а возот е дури во 18 и 50 попладне. На старт угорница, ридови. Убав крај.

IMG_20140525_094639IMG_20140525_094946По патот накај Богданци поминав и до Валандово. Рано, тивко, мирно. IMG_20140525_102830Знаев дека околу Богданци некаде има ветерници, но не знаев дали се гледаат некаде од патот. И ете ги, се гледаат. Огромни се. Штета што камерата не ми е подобра.

IMG_20140525_115721Свртев преку Стојаково и Богородица. Ветерниците се гледаат и од таму, дури и сите наеднаш, но пак камерата не може да достаса.

IMG_20140525_143355Предобро беше. Возев, застанав и и се јавив на жена ми.

– Слушај. Јас оваа година не морам да одам на одмор. Ова ми е сосем доволно за до идната… (ако не и за цел живот)

Стасав во Гевгелија. На железничката станица прашав за воз. Има во 17 и во 19 часот. Не ми се одеше со тој во 17 затоа што беше меѓународен. Знаев дека со лежипедот ќе ми биде покомплицирано во таков воз. Решив да си одам со тој во 19. Имав време па отидов до Негорски бањи на кафе. Се мислев и се премислив, сепак ќе си одам со тој во 17.

На станицата ја чекавме царинската контрола да заврши за да можеме да се качиме на возот. Кога ги отворија вратите се упатив кон последниот вагон и го качив лежипедот скроз на крај од компизицијата. Ме избрка кондуктерот од таму, тоа било кола за спиење. Ок, тргнав кон друг вагон. Каде одиш? – рече другиот кондуктер,- Не може во овој вагон, оди на крајот. Па од таму ме избркаа, реков. Кој, зашто, како, ајде веќе качи се некаде! Се качив, некаде меѓу два вагона. Заради таквите работи не ми се одеше со овој воз.

Па добро, барем е побрз од обичниот.

Скопје.

Дома.

После обилни дождови кои поплавија дел од Скопје, еден земјотрес и една домашна пица, заспав со насмевка на фотеља.

IMG_20140525_0946081– Крај –

 

Рута Нов Дојран – Валандово, пешки

Кога нема возење, нема ни постови. Мислам дека повеќе од два месеци не сум отишол некаде подалеку со лежипедот. Не бива тоа. Прво од што беше топло, второ фатија одмори, па со семејството и така натака. Откога ќе го изгубиш редот, тешко се враќаш пак во колосек (ако е тоа правиот збор).

Периодот помина со мали измени на аголот на седиштето, тестирање на нова задна ѕвезда и нов (не скроз нов) пренос со поголем број на запци. Сè тоа сеуште не е сосем проверено како функционира во пракса, па затоа не можам да се о/пуштам во некои подалечни авантури.

Како и да е. Летото пројде, одморите исто така. Почнавме со работа. На работа се појави можност за едно службено/неформално патување во Дојран, таканаречени Синдикални спортски игри. Се пријавив, беше одобрено, и минатиот викенд веќе остварено.

Пат како пат. Седиш во кола, 120 на саат, природата минува покрај тебе. Убаво е, ама не си надвор. Патувањето се сведува на пренос од едно место на друго, транспорт. Нема мириси, звуци, паузи. Фали тоа. А ми се свиѓа делот од Македонија после  Велес. Тивок, благ. Возевме така со колата, сè беше во ред се додека не се исклучивме од автопатот кај некое место што се вика Удово, не сум бил досега натаму. Ох, кога го видов патот веднаш ми стана криво што сум во моментот со кола, а не со точак. Убавина. Ветер. Кривини. Совршенство.

Од Удово до Нов Дојран нема ни 30 километри. По цел пат ме копкаше како ли мириса? Каква е температурата? Асфалтот. Со колата бргу стасавме до дестинацијата. Крај, толку од патот. Тоа беше во петокот. Во саботата успеав малку да украдам време и да прошетам. Се потсетив пак на патот.

IMG_20130921_084012

Ме чепна нешто во градите. Сакам да сум таму.

Синдикалите игри завршија во саботата вечер. Утредента наутро требаше да тргнеме кон Скопје. Пак ли во кола, си реков. Колегите стануваа еден по еден, времето за тргнување се ближеше. Прво ќе прошетале, па после кон Скопје. Така значи – А да тргнам јас пешки, па вие да ме соберете по пат? До кај стасам, стасам! Планот ми се разјаснуваше. Не бев сосем сигурен, но шансата не смеев да ја испуштам.

– Во ред, рекоа колегите.

Мислам дека никогаш побргу не сум се облекол, спакувал и однел торбата до кола. Јасно ми беше дека ќе бидам на пат на сонце, па затоа за да бидам видлив ја облеков најцрвената маица што ја имав и земав едно шише со вода. Телефоните ионака ми се секогаш во џеб. Излетав надвор. После првите 100 метри веќе ме потфати чувството што ми фалеше цело лето. Тоа е тоа. Надвор. Отворен пат. Проверив на мапата отприлика кај сум, заќутев, си ја накривив капата и терав. Ништо не ми фалеше.

IMG_20130922_130047

Пределот беше прекрасен. Времето совршено, ветрот јак, но пријатно годеше. Сонце, облаци, пак сонце. Доле асфалт, горе небо, лево и десно благи планини. Јас некаде измеѓу.

IMG_20130922_113613

Поминав околу 10 километри, супер се чувствував. Се прашував до каде ли ќе стасам. На мапата пишуваше дека од Нов Дојран до Валандово има околу 18 километри вкупно. Не знаев кога ќе се јават колегите дека тргнуваат, па затоа решив и да не мислам на тоа туку да уживам. И уживав. Признавам. Се разминав со неколку крави, нивните кучиња чувари. Се поздравив со нивните газди. По пат ми свирнаа неколку пати со цел да ми понудат превоз до каде што сум тргнал, но со радост и благодарност им одмавнував со раката. Сè е под контрола. Ги слушав камионите кога се наближуваа и се тргав настрана затоа што патот е доста тесен. Размислував за сè и сешто. Замислував како ќе беше да бев со точакот. Кога ли пак ќе бидам тука? Каде на светов е исто вака или барем приближно? Се радував на времето. Ако некој те праша какво време сметаш дека е совршено, ова е тоа. Не можеш ни да го опишеш. Воздухот чист. Толку е сè јасно што се гледа со километри на сите страни.

IMG_20130922_130036IMG_20130922_130041

Одев околу два часа. Валандово веќе се наѕираше во далечината. Ќе имам ли време да стасам? Колегите се јавија да ме известат дека веќе тргнуваат и дека ќе ме соберат за петнаесетина минути. Малку го забрзав чекорот. Сакав што поголема количина од патот да впијам. Успеав да поминам уште километар и пол и тоа со одврзана патика. Не ми се даваше ни секунда.

Ме стасаа некаде пред стотина метри од местото каде што се двои патот кон Валандово. Ги замолив да ме поминат и почекаат таму.

IMG_20130922_131837IMG_20130922_131905

На знакот пишува “Валандово -3 км“, значи дека сум поминал околу 15. Доста е. Се чувствував задоволно. Влегов во колата.

– Сега можеш да возиш колку сакаш.