Струмица

Се мислев дали да напишам текст во врска со патувањето до Струмица. Се плашев да не ми се разлее убавото чувство што ми остана откога се вратив дома,  ако го споделам. Ама па ако не ги споделам убавите моменти, што ќе остане? За неубави секој си има свои. И така,

Струмица.

Знаев дека ми се вози источна Македонија. Сум спомнал неколку пати дека десно од Велес ми е преубаво, а толку ретко сум таму. Возот до Кочани уште ми прави проблем затоа што никако не можам да го комбинирам без спиење првиот ден. Гледав по мапата, мерев километри, проверував возен ред. Велес – Струмица, преку Радовиш 120км. Струмица – Гевгелија 50км. Временска прогноза не баш совршена,  предвидени врнежи тој викенд. Е па баш ми е гајле – Една карта во еден правец до Велес, за сабота!

Железничката станица очекувано полна. Видов уште двајца со велосипеди и знаев дека ќе треба некако да ги усогласиме на едно место, а да не им пречиме на кондуктерите. Им викаше едниот – Не таму девојче, не таму. Во оној дел, онде! Покажувајќи на еден поширок дел од вагонот. Се напикавме некако. За брзо време слегов во Велес. Не фалеа коментарите: Ем лежиш, ем возиш! Црногорски точак! и слично. Бев прегладнет. Додека јадев на телефонот проверував каде е излезот кон Штип. Нешто ми беше чудно. Курсорот на мапата ми е свртен наопаку. Стрелката покажува наназад цело време. Ќе мора да се навикнам затоа што немам време сега да го чепкам. Тргнав. Патот помеѓу Велес и Штип сум го возел неколку пати и ми се допаѓа, ама овој пат времето си го напраи своето. Толку беше облачно, сиво и депресивно, што цело време го проверував километражникот. Не проаѓа патот. Како да возам во место.

IMG_20140524_093416 Се доклацкав некако до клучката пред Штип. На една бензинска пумпа најдов на автомат за кафе и седнав да одморам малку. Од тука патот кон Радовиш и Струмица ми е непознат. Минатата година на истово место ме пресретна извесен Оливер од Штип, исто на точак. Уште тогаш ми го покажа патот и го пофали дека е преубав, ама не се сеќам дали рече за патот за Кочани или за Радовиш.

Тргнав кон непознатото. Почна со блага удолница која ми годеше. Времето полека се отвараше.

IMG_20140524_122554Патот е убав, но тесен и со солиден сообраќај. Имаше и многу камиони па така да цело време проверував во ретровизорот да не се најдам во незгодна позиција кога два се разминуваат. Видов и нешто што личеше на пресечена пирамида.

IMG_20140524_131207

Подоцна видов дека тоа било нешто поврзано со рудникот Бучим. Вака оддалеку изгледа имресивно и страно. Времето продолжи да се разубавува и јас продолжив кон Радовиш со повеќе елан.

Во Радовиш морав да седнам во сендвичара да пијам кафе зато што сите кафичи беа скроз полни. Млади, стари, деца и слично.

IMG_20140524_142206 IMG_20140524_143823

Изегов на патот кон Струмица и реков – Е за ваков пат е создаден лежипедов!

IMG_20140524_150715

Широк. Нов асфалт. Блага удолница, таман да лежипедот без вртење на педали сам оди 30 на саат. Уживав. Скоро и да неќев да стасам во Струмица.

IMG_20140524_160646Отидов до центарот и замолив да ме сликаат (уште се смеам на сликава). Реков – Ако може да се гледа и споменикот во позадина..

IMG_20140524_164039Требаше некако вака да изгледа 🙂

IMG_20140524_1639421Во Струмица имав договорено да спијам во Манастир Свети Петнаесет. Се распрашав и го најдов. Маалото во кое се наоѓа (барем така ми изгледаше) е со комплетно ромско население. Бучно и преполно. Вечерта кога се вратив од прошетката низ Струмица, контрастот помеѓу мирот и тишината во манастирот и буката надвор од оградата беше уште поприметлив. Околу 22 часот буката се потсмири. Заспав со мислата за утрешната временска прогноза. Најавуван беше дожд. Бев спремен, но сепак.

Станав утрото. Прозорите на собите се со обоено стакло, така што не се гледа какво е надвор. Какво ли време ќе ме поздрави кога ќе ги отворам?

Прогнозата не можеше да биде попогрешна. Ох среќа и радости! Сонце! Се расположив до максимум. Дај да разгледам тогаш малку.

IMG_20140525_064542IMG_20140525_064730 IMG_20140525_064512 IMG_20140524_181512 IMG_20140525_071712  IMG_20140525_064415 IMG_20140525_064340

Црква, Стара базилика, Конаци, Камбана, Пауни, Желки, Сонце, Кујна, Голема кујна, Кафе..

Се спремив и тргнав да си одам. На излегување ме прашаа

– Јадеше ли?

– Не. -реков -Јас бев договорен само за спиење.

– Не може да си одиш без доручек! Недела е и ова е црква. Врати се во кујната да ти дадат да јадеш.

Имав сендвичи спремно за дента, но не сакав да одбијам такво гостопримство. Доручекот беше богат. Се најадов, се заблагодарив и тргнав да си одам.

– Пак да ни дојдеш.

– Се разбира. Ви благодарам многу.

До Гевгелија имам само 50тина километри, а возот е дури во 18 и 50 попладне. На старт угорница, ридови. Убав крај.

IMG_20140525_094639IMG_20140525_094946По патот накај Богданци поминав и до Валандово. Рано, тивко, мирно. IMG_20140525_102830Знаев дека околу Богданци некаде има ветерници, но не знаев дали се гледаат некаде од патот. И ете ги, се гледаат. Огромни се. Штета што камерата не ми е подобра.

IMG_20140525_115721Свртев преку Стојаково и Богородица. Ветерниците се гледаат и од таму, дури и сите наеднаш, но пак камерата не може да достаса.

IMG_20140525_143355Предобро беше. Возев, застанав и и се јавив на жена ми.

– Слушај. Јас оваа година не морам да одам на одмор. Ова ми е сосем доволно за до идната… (ако не и за цел живот)

Стасав во Гевгелија. На железничката станица прашав за воз. Има во 17 и во 19 часот. Не ми се одеше со тој во 17 затоа што беше меѓународен. Знаев дека со лежипедот ќе ми биде покомплицирано во таков воз. Решив да си одам со тој во 19. Имав време па отидов до Негорски бањи на кафе. Се мислев и се премислив, сепак ќе си одам со тој во 17.

На станицата ја чекавме царинската контрола да заврши за да можеме да се качиме на возот. Кога ги отворија вратите се упатив кон последниот вагон и го качив лежипедот скроз на крај од компизицијата. Ме избрка кондуктерот од таму, тоа било кола за спиење. Ок, тргнав кон друг вагон. Каде одиш? – рече другиот кондуктер,- Не може во овој вагон, оди на крајот. Па од таму ме избркаа, реков. Кој, зашто, како, ајде веќе качи се некаде! Се качив, некаде меѓу два вагона. Заради таквите работи не ми се одеше со овој воз.

Па добро, барем е побрз од обичниот.

Скопје.

Дома.

После обилни дождови кои поплавија дел од Скопје, еден земјотрес и една домашна пица, заспав со насмевка на фотеља.

IMG_20140525_0946081– Крај –

 

Прилеп – Скопје

Доволно врнеше. Пред две недели не можев да издржам и иако беше најавен дожд,  отидов со воз до Куманово и возев на враќање преку Арачиново. По цел пат беше облачно, а на крај во Скопје ме фати дожд и солидно ме накисна. Бев спремен, кеса врз кацигата, непропустлива јакна, навлака преку торбата. Јакната на крај испадна Пропустлива, но не ми значеше воопшто.

IMG_20140504_10070911

Немав возено подолго време така што го искористив патувањево за да си ја испитам состојбата. Состојбата ми се виде во ред, само некако колената не ми изгледаа сигурни, а и ветерот што ме дуваше по удолницата не ми годеше.

Пак заврна следниот викенд, ништо од возење. Ми се насобра доволно. Прогнозата за следниот викенд беше совршена. Решив да ја искористам максимално. Ми требаше нешто каде што сум бил. Да е над 100 километри, а сепак да не е пренапорно. Плетвар, си реков, ама надолу.

Го имам возено Плетвар нагоре два пати и двата пати ми било солидно тешко. Угорницата е долга околу 20 километри со константно зголемување на стрмноста. Патот е без многу случувања на него, така што поради тоа изгледа уште подолг. Затоа решив да го возам од обратно. Од Прилеп кон Скопје.

Се возбудив во саботата. Решив да одам да купам карта за воз, а претходно да поминам и да купам нови гумички за кочниците. Некако со стариве цело време како да имам некаква празнина кај задното тркало. Влегов во продавницата ги најдов тие што ги сакам и решив да ги земам. Ама што се случи. Од возбуда си го заборавив кодот на картичката! За среќа во продавницата имаше и апарат на кој може да се плати со потпис. Ок реков кочници имам сега уште карта за воз. Отидов до банкомат да извадам пари, а на кодот уште не ми текнуваше. Пробав двапати, погрешен. Пробав третиот пат- “Картичката ви е задржана!” Ете ти сега. Морав да се позајмам пари од мајка ми за да можам да купам карта. Неочекуван пресврт на настаните. Карта купив, а кочниците добро ми изгледаат.

IMG_20140510_103320Возниот ред за неделата не ми одговараше совршено. Во Прилеп се стасува нешто пред 10 часот наутро. Навикнат сум да го имам цел ден пред мене кога возам, но овој пат не можев да бирам. Уживав во возот, иако застануваше на секои 10 минути. Застана дури и во еден тунел. Начув дека ја ладат локомотивата затоа што се прегреала по угорницата. Не се брзав. На тоа никако не можев да влијаам.

Стигнавме во Прилеп некаде по 10 часот, а јас знаев што ми се прави. Кафе! Свртев низ центарот. Рано беше и во ниеден кафич немаше никој, така што беше сеедно каде ќе седнам. Одбрав еден каде сум седел и порано и нарачав долго еспресо. Не ми беше доволно и нарачав уште едно. Знаев дека до Велес нема да имам друга прилика за добро кафе.

IMG_20140511_101337

Излезот од Прилеп кон Скопје го знам. Угорницата до Плетвар е стрмна, но кратка. Околу 5 километри. Ја фатив полека и со штедење. Знаев дека ако сега се напрегнам, можам да си го упропастам цело возење. Мислам дека цел саат ја качував. По пат имаше многу мотоциклисти и скоро сите ме поздравуваа со свирките. Ми годеше. Се чувствував како дома. Кога се качив на превојот не ни погледнав колку е саат. Се проврткав малку и се спремив за удолницата.

IMG_20140511_115344Знаев дека ќе ми пречи ветерот па затоа ставив марама под кацигата и тоа превиткана на дупло. Од самиот звук од брзото возење може да ме заболи глава, а тоа немаше да биде добро. Ги ставив и новите наочари за сонце. Плус имам нови гумички на кочниците кои што требаа да се пробаат. Ајде реков.

Брзината беше околу 50 кмч скоро целиот спуст. Ми беше чудно. Марамата и наочарите некако ме изолираа од надворешните услови. Не ми бучеа ушите и не ми биеше сонцето во очи. Новите кочници се покажаа многу добро. Даваа чувство на сигурност и секако беа добар избор.

IMG_20140511_125521Во Росоман стасав гладен. Мислев да се снабдам со вода во еден маркет, но беше затворен. Добро беше што пред него беа оставени масите и столиците така што седнав и си дадов доволно време да се одморам. Јадев на раат. Имав уште доста за возење и знаев дека ќе ми треба и силата и главата за да стасам дома.

Помеѓу Градско и Велес патот е преубав за возење со велосипед. Патот е доволно широк, нема премногу сообраќај, а околината е фантастична.

IMG_20140511_1436551IMG_20140511_143822Си ќутев и уживав. Ми се виде долго, но Велес немаше каде да бега. Стасав околу 4 часот попладне. Едвај најдов место да седнам на кафе затоа што изгледа цела младина во Велес беше излезена на кафе. Убава младина и тоа. Се заседнав, а имав уште доста пат до дома. Се надевав дека ќе стасам во Скопје пред да се стемни, но почна да ми изгледа дека нема да успеам. Не поради ништо друго освен поради лошиот пат помеѓу Езерото Младост и Катланово. Тој пат е приказна за себе. Секогаш се трудам да го избегнам, но секогаш пак се враќам по него. И секогаш повторно ме изненадува неговата состојба. Ми се чини дека секоја година е подолг и полош. Возев и барав зборови да го опишам на некој кој не го возел. Вака некако: тврда, нерамна, камена подлога со дупки. Врз неа ситен песок кој слободно се движи врз тврдата површина. И најгоре аглести камења, големи колку тупаница кои исто така никако не се поврзани со ништо. Ужас за велосипед, а камоли за лежипед и сето тоа долго околу 7 километри.

Стратешки го нападнав. Ги издишав гумите дури и под препишаната долна граница. Стратегијата се покажа успешна, но брзината сепак беше само околу 5кмч. На излезот од ужасот наидов на едни дечки кои ме прашаа:

– Како со твојов велосипед по патов?

– Катастрофа! – крикнав.

Застанав на крајот, ги напумпав гумите повторно и тргнав кон Катланово. Тука има една удолница, која не знам дали поради што сум блиску до дома, ама секогаш ме фаќа некаков адреналински напад кога ја возам. Пеам, викам, се смеам, лудница. Асфалтот мазен, скоро и да нема сообраќај, кочниците на место, така што нападот не изостана ни овој пат. Прекрасно чувство.

Прекрасно ама видов дека прошло 7 часот. Се стемнува околу 8, така што сфатив дека ќе ме стемни, а пред да тргнам не успеав да си го најдам задното црвено трепкачко светло. Не ми се допаѓаше тоа. Возев, а сонцето почна да заоѓа.

IMG_20140511_1929551Имав сила. Се штедев по цел пат, така што сега можев да запнам. И запнав. Возев со околу 25 на саат. Пролетав покрај селата што се по патот. Ми беше важно што побргу да стасам до Скопје. Ми правеше притисок недостатокот на задно светло.

Влегов во Маџари и осетив олеснување. Требаше уште само до кејот на Вардар да стасам. Кејот ме носи скоро до пред врата дома. Ете уште пругава да ја преминам. И што да кажам. Следев една кола пред мене која ја преоѓаше пругата. Касно сфатив дека аголот под кој колата ја сече пругата е невозможен да го фатам јас со лежипедот. Темно беше, немаше место за маневар, тргнав преку пругата накосо, предното тркало се слизна и јас се најдов на асфалтот колку што сум долг и широк. Истовремено како штo паднав ме фати грч на левата нога. Ме болеше толку јако што помислив дека е можно дури и нешто полошо да сум се повредил. Ја исправив ногата, сепак беше само грч. Од една кола ми довикнаа:

– Што направи? Па не ти е тоа за тука да го возиш! Тоа е за негде другде, не за овде. Тука не е за такви работи!

Тешко ми падна. Се прибрав, го проверив лежипедот., за среќа ништо битно не се скрши и продолжив понатаму.

Нервозен стасав на кеј. Ме нервираа пешаците на патеката и на сите им ѕвонев и грубо им кажував да се тргнат. Не сакав така да ми заврши возењето па затоа продолжив до Лептокарија трговскиот. Познавајќи ги скоро сите автомати за кафе во Скопје, знаев дека има една отворена продавница со Јакобс автомат. Седнав на клупа со кафето си го свртев филмот наназад.

IMG_20140511_115449

Сфатив дека сум поминал еден убав ден.

Рута Велес – Куманово, преку Свети Николе

Е па редно беше малку да се повозам, да поуживам. Откога прв пат возев до Свети Николе и Штип, пределот ми остави многу убав впечаток. Денес се сетив дека пред многу години, околу деведесеттите, еднаш тргнав со автостоп накај Штип. Брат ми таму служеше војска. Бидејќи бев сам, плус и машко, многу тешко ме качуваа во кола. На крај сепак стасав, но голем дел после Велес одев пешки. Така што патот околу Мамутчево, Лозово и Сарамзалино го имам уште тогаш одблиску запознаено. Многу ми е убаво натаму. Ми одговара и бојата и ритамот на пределот.

Првобитната идеја за искористување на продолжениот викенд беше возење околу Охридско езеро, но тоа бараше повеќе логистика. Преспивање, возови… Плус оваа година во Македонски железници решиле да го укинат попладневниот воз од Кичево кон Скопје, така што во недела ќе морав до 12 часот да бидам во Кичево. Не дека немаше да стасам, но ќе го изгубев цел ден што можев да го поминам во Охрид. А криво ми е. Имав зацртано оваа година да го извозам езерото. Има уште до нова година, така што имам уште шанса за тоа.

Добро реков, ако не може Охридско езеро, ајде да возам некаде каде што не сум бил, а знам дека ќе ми се допаѓа. Километражата да биде помеѓу 50/60 и 100 километри. Седнав на bikemap.net, мерев, премерував и на крај се решив за оваа рута. Со воз до Велес, со лежипед до Куманово и од таму со кола до Скопје. Пред некој ден пробав и успеав со малку убедување да го напикам цел лежипед во кола, така што нема потреба од носач за велосипед, е сега ќе се стиснеме малку. Договорот беше со семејството да се најдеме во Куманово, да седнеме негде на ручек со пријатели и да се вратиме заедно со колата. Логистичка поддршка!

Карта за воз секогаш купувам однапред, ем од ќеф, ем за подолго да ми трае радувањето, а и за да не ми го поремети нешто планот. Измените на лежипедот ги пробав минатиот викенд до Катланово. Поисправениот агол на седиштето овозможува посилен притисок врз педалите, а и дишењето ми е подобрено. Осеќам дека на угорници сум побрз. Тоа најмногу ми требаше. Многу време поминував по најжешкото при качување на некоја планина, а тоа ми го расипуваше вкупното задоволство.

Сабота наутро. Часовникот на брзиномерот погрешен за дваесетина минути. Се препотив брзајќи, мислејќи дека ќе го пропуштам возот. Стасав задишан на железничка, проверив колку е всушност саат на мобилниот телефон. Добро е си реков (со малку осуда), подобро порано отколку подоцна. Во воз, како во воз. Секогаш стојам до лежипедот за да не се преврти од труцкањето. Овојпат патувањето беше кратко, околу саат време.

IMG_20131012_070137

На една станица го видов ова симпатично возило и си реков- Бреј, што се не возат луѓево.

Велес. Еден сендвич, проверка на мапата каде е излезот кон Свети Николе и тргнав. Времето беше многу влажно и магловито.Си помислив дека дури може и да заврне. По некое време осетив од кој вид е маглата. Од оној утрински вид, кој се рачистува откога ќе се затопли. Едвај чекам.

По обичај (кој што треба да го прекинам) се преоблекувам. На секои неолку километри застанував да соблечам нешто или да направам поинаква комбинација од работите кои ги носам. Додатно ме препоти и тоа што на патот над Велес се изведуваа поправки и имаше големи и бучни машини и камиони. За среќа не беше зафатен голем дел.

IMG_20131012_090229

Магловито и влажно, ама патот прекрасен. Малку по малку ги поминав Мамутчево, Лозово, Сарамзалино… Бидејќи беше сабота по патот имаше повеќе сообраќај од што сум навикнат. Најчесто возам во недела и разликата беше осетна.

IMG_20131012_092845Околу 10 часот маглата се крена. И тоа за најмногу пет минути. Од магловито и тмурно се претвори во прекрасно сончево време. Е тогаш стана уште поубаво. Морав да сликам.

IMG_20131012_095333

scape

Уф…

Од тука патот врти лево кон Свети Николе. Веднаш по кривината се наоѓа една запуштена железничка станица. Овче Поле. Не знам дали тука сеуште застанува воз. Изгледа како да е останата во некое друго време, минато.

IMG_20131012_100910

IMG_20131012_101159

IMG_20131012_101228

А пределот е преубав. Што да кажам. Признавам дека многу ми се свиѓа.

IMG_20131012_101031

Понатаму кон Свети Николе. Помалку сообраќај. Очекував да се појави аеродромот кај Пеширево и ете го.

IMG_20131012_102702

IMG_20131012_102755Неколку авиони, паркирани на ливада. За мене редок призор. Сум бил тука и минатата година кога проаѓав возејќи кон Штип. Ништо не е променето. Стасав и до Свети Николе. Планирав да поседам во некој кафиќ на кафе, но неочекувано патот за Куманово се двоеше уште пред влезот во градот. Хмм, малку размислив и решив да не влегувам. Свртев кон Куманово. До овде патот сум го возел, делницата Куманово -Свети Николе ми е непозната. Ме копкаше.

IMG_20131012_104151

Тука веќе падна и вториот сендвич. Беше околу 11 часот. Времето беше совршено. Пределот исто така. Блага угорница, но со подобрениот агол на седиштето чувството ми беше сосем поинакво. Можев појако да стиснам. Го осеќав тоа и по брзината со која се движев. Уживав. Заборавив да сликам. Си реков – Па некои луѓе живеат тука. Секој ден возат по патов или работат околу него. Среќници. Видов и два орли. Ловеа. Бои, есенски. Зборови, недоволни.

IMG_20131012_114744Стасав до удолница. Стрмна. Ми избега пределот додека се свестив. Ме збрка едно огромно куче, но за среќа поради удолницата можев да му избегам. Поминав уште неколку места и ете го Куманово.

Се најдов со другите во центар.

IMG_20131012_142208Верувам дека “познавачите” ќе го препознаат мотивот пред гостилницата Баба Цана во Куманово. Друштвото и седењето пријатно како и времето. Цел ден убавини. Бев уморен, но не ми беше доволно. Да можеше ќе се вратев назад по истиот пат.

Го натоваривме лежипедот во колата, се поздравивме и правец Скопје, но не по автопатот. Тоа ќе беше премногу едноставно, а мене уште ми фалеше возење. Тргнавме по стариот пат преку Арачиново.

Уште еден прекрасен ден за сеќавање.

Рута Демир Капија – Скопје

Си го запоставив блогот. Отворив Твитер налог (@lezhiped) и сега скоро цело време кое го поминувам на интернет, го поминувам на Твитер. Има свои придобивки. Количината и брзината на пристапот до информации е огромна. Нешто со кое што блогот не може да се носи. Но сепак на Твитер се чувствувам како во Fast food сендвичара. Премногу калорично и без џвакање. Само бутај. Блогот има малку по-ресторантско мени. И од тоа мени Ви издвојуваме: Рута Демир Капија – Скопје Bikemap мапа . Тивка, спора и емоционално пријатна рута со миризливи ноти на месец мај.

Досегашните рути ги возев до одредено место, град, каде се качував на воз и се враќав назад во Скопје. Супер се тие рути, но имаат еден мал да не го наречам проблем за мене. Самaта помисла дека треба да го “фатам” возот прави малку притисок и стрес кој ми влијае на брзината на возење “да побрзам, да не закаснам”, а со тоа и негативно влијае на вкупното уживање и дегустација. Овој пат мудро ја променив стратегијата. Решив дека прво ќе одам до некаде со воз, а потоа од таму ќе возам до дома. Нешто слично како Rob Lilwall, cycling home , но во некои микро размери.

Отворив Возен ред на Македонски железници и побарав некоја дестинација која би ми одговарала. Параметри: да е околу 100 или малку над километри и возот да тргнува рано наутро. Во игра беа две. Првата Скопје – Прилеп, а втората Скопје – Неготино. Првата ми се допаѓаше поради Плетвар. Минатата година супер си поминав, па сакав и оваа само во обратен правец. Во овој случај ќе имав околу 30км удолница, па затоа ми изгледаше лесна и поради тоа малку невозбудлива. Ќе ја возам втората. Натаму никогаш не сум бил.

Гледам, разгледувам, тргнува возот од Скопје во 6 наутро, а во Неготино е некаде пред 8. Таман, ама гледам и во Демир Капија не сум бил. Решив дека за 15 километри се исплати да слезам во Демир Капија и од таму да тргнам. ОК, си реков, а да свртам и до Кавадарци кога сум веќе таму? Отсутноста на одредено време во кое требаше да стигнам дома многу го олеснуваше планирањето. Затоа можев солидно да се ослободам. Што има врска кога ќе стасам дома!? – Една карта во еден правец до Демир Капија Ве молам!

Недела наутро, јас веќе во воз. Обично го качувам лежипедот во последниот вагон сосем на крајот од композицијата за да не пречам на останатите патници и седам со него за време на целиот пат. Малку е напорно, но инаку на секоја станица треба да станувам да го пазам да не се преврти кога возот кочи, а и торбите ми се полни па неќам да ги мислам.

IMG_20130525_061129

Демир Капија, Недела, 8.30

IMG_20130525_082603IMG_20130525_082638

Цел ден е пред мене. Поседов малку, погледнав лево -десно, ме чешаа нозете па решив да тргнам накај Неготино. Патот го имав убаво проверено на мапата, но сепак на едно место морав да употребам GPS за да не свртам во погрешна кривина. Асфалтот беше супер, времето исто така, а и јас се чувстував многу добро. За патот претходно се инфомирав и на Bike cruising каде што обично прашувам дали некој порано го има возено тој правец и во случајов препораката дека е супер беше сосем на место. За брзо време стигнав во Неготино.

IMG_20130525_094326

– До Центар само право, ми рекоа. – Да не заспиеш! Да’а’е*ам! – Каков ти е овој точак? Да’а’е*ам! Супер се осеќав. Пријатни луѓе, љубопитни. Да’а’е*ам!

IMG_20130525_100106 Од тука, Кавадарци само право. Право ама и нагоре, солидно стрмно. Се испотив. Ни во Кавадарци досега не сум бил па затоа бев среќен кога наидов на знаков.

IMG_20130525_104123

Но центарот на Кавадарци не бил “само право”. Прашав една госпоѓа, ми објаснуваше цели пет минути и ништо не ја сфатив. Си тргнав пак по моја проценка накај каде што осеќав дека би требало да биде Центар. Погрешна проценка. Пак прашав, ми покажаа на едно стрмно патче за кое никако не ми изгледаше дека води кон центарот, но сепак тргнав по него. Пак прашав. Каде ли е тој Центар? Некако цел град ми се извртел во главата, ниту знаев од каде сум дошол ниту накај да се свртам за да продолжам. Еве го! Кој става плоштад на врв на рид!?

Да се одморам решив.

IMG_20130525_111757

Падна вториот сендвич. Отворив пак GPS мапа на телефонот за да видам каде треба да свртам за Росоман. Тоа беше следната дестинација. Сфатив дека за два саати на пат јас не сум поминал ни 40 километри. Барањето на центарот на Кавадарци ми одзема премногу време. Точно е дека не се брзав, но сепак не ми се допаѓаше тој просек. Имав уште 100 километри за возење.

Тргнав и пак се подизгубив. Пак го отворив телефонот за да проверам кај сум. Аман!

Знак Росоман вика десно, ама за секој случај уште неколку пати прашав. Добро е, на прав пат сум. Па и удолница. Решив да потрошам малку од километрите и да не застанувам. Уствари морав да застанам да сликам, прекрасно беше. Воздухот беше чист па затоа се гледаше до многу далеку. Мислев тука да вметнам некои поетски видувања на пределот, но ќе оставам на сликите да пренесат.

IMG_20130525_121130

IMG_20130525_133443Уф…

Росоман па Градско па Велес. Тука веќе имам возено. Знаев кај сум и уште колку имам, па не се брзав. Напротив. Ги поставив менувачите на лежипедот во поголема брзина и полека вртев, и дишев. Ме обзема некаков мир и спокој. Ете го и Велес.

Бидејќи носам наочари со диоптер скоро цел живот, наочарите за сонце ми се нешто непознато. Си ги набавив овие темни стакла кои се закачуваат на самата рамка од наочарите (100 денари, пазар Бисер, Аеродром) и затоа ова е моја прва ваква слика.

IMG_20130525_141636

Мораше и фаца да направам, нели така треба. Yeah!

Велес. Ако се погледне убаво, некаде под крошната на дрвото може да се забележи еден лежипед.

IMG_20130525_145304Велес веќе го знам. Сум бил неколку пати. Седнав на кафе. Иако на келнерката убаво и објаснив дека сакам – Долго еспресо во голема шоља до горе истечено! (и со раката покажувам “до горе”) го донесе во голема шоља и само малку продолжено, толку сметал тој што го правел дека треба. Но навикнат сум. Ретко каде го прават како што ќе им го нарачам.

Чувствував дека сум веќе блиску до дома и немаше никаква нервоза. Ајде, уште малку. Стариот пат од Велес до Скопје проаѓа покрај вештачкото Велешко езеро, или Езеро Младост. Моментот каде што браната задржува огромна количина на вода од едната страна, а од другата има само воздух ми е чист хорор!

IMG_20130525_162057

После хорор малку пејсажи

IMG_20130525_164554

И потоа пак хорор. Делот од патот што следи Bikemap мапа е ужас. Секогаш кога го проаѓам ми се чини подолг и во полоша состојба од минатиот пат. Можеби на тие што го поминуваат со планински велосипед и не им изгледа толку страшен, но за мојот лежипед без никаква амортизација патот е вистинско мачење. Некогаш, си викам, на некој уморен патник од ваков пат може солзи на очи да му наврат.

IMG_20130525_173636

IMG_20130525_173644(овде е дури и добро)

Овој пат решив стратешки да го нападнам. Ги издишав гумите дури и под препорачаното за да бидат што помеки додека возам преку камењата. Стратегијата беше успешна. Потскокнувавме со лежипедот по камењата, но крајот сепак дојде.

IMG_20130525_174620Здрав асфалт! Победа! Слобода!

Со мене го носев и мерачот за притисок (стратегијата ми беше спремна) и си ги напумпав гумите назад до 42psi или нешто малку под 3 бара што открив дека е притисок кој најмногу ми одговара, ни меко ни тврдо.

Охохо, удолница до Катланово. Застанав и од продавницата си се почастив едно чоколадо со експандиран ориз. Целото го изедов. Малку уморен, но среќен, тргнав по последното делче од патот до дома. ‘Ржаничино, Петровец, Идризово, Јурумлери, Трубарево, Маџари, преку мостот Близнаци доле на кеј покрај Вардар.

Honey, I’m home!

IMG_20130525_111832